ЈП „Водовод и канализација“ е вселен на диво во новата барокна зграда на кејот на реката Вардар во Скопје. Зградата која чини 10 милиони евра уште нема технички прием и имотен лист бидејќи претпријатието има судски спор со фирмата изведувач „Алдинг инжинеринг“.
Вработените се преселија во новата зграда во март годинава, кога директор беше Александар Атанасов. Од февруари 2011 година претпријатието беше сместено во зградата на фирмата „Технометал Вардар“ во строгиот центар на градот, за месечна кирија од 25.000 евра.
„Објектот нема технички прием, на диво сме вселeни. Имаме долг кон изведувачот од околу пола милион евра и судски спор со изведувачот бидејќи е активирана банкарската гаранција од 380.000 евра. Работиме на тоа во најкраток рок да обезбедиме технички прием“, вели Душко Весковски, директор на ЈП „Водовод и канализација“.
Весковски објаснува дека претпријатието од претходното раководство го наследил со долг од 4,5 милиони евра и превработеност.
„Во Водовод се вработени 1.200 лица, а немаме стручен кадар. Вработени се лица од Пустец, музичар-изведувач, аранжер во трговија, хотелско-туристички техничар, менаџери, мeдицински лаборант а немаме лица за технички интервенции односно за вршење на основната дејност на претпријатието“, додава Весковски.
Кружната барокна зграда на кејот на Вардар има вкупна површина од околу 10.000 квадратни метри, распоредени на пет ката и три подземни нивоа со гаража за 138 возила. Идејното решение е на архитектот Жарко Чаушевски, кој за зградата доби прва награда во вредност од 190.000 денари на јавен конкурс.
Чаушевски е победник на повеќето конкурси за градбите на „Скопје 2014“. За изведувач на градежните работи беше избрана австриската фирма „Алпине бау“. Фирмата банкротираше откако ја изгради зградата во фаза на карабина во 2013, па претпријатието требаше да избере нов изведувач, а во меѓувреме зема и кредит од 7.317.073 евра за довршување на зградата. „Алдинг Инженеринг“ во 2014 година беше избрана да го доврши новото седиште на претпријатието.
А. АНТЕВСКА