ВОЛОНТЕРИ ИСЧИСТИЈА НАД 300 ТОНИ ЃУБРЕ ОД ДИВА ДЕПОНИЈА КАЈ КУМАНОВО

    ВОЛОНТЕРИ ИСЧИСТИЈА НАД 300 ТОНИ ЃУБРЕ ОД ДИВА ДЕПОНИЈА КАЈ КУМАНОВООваа е прва акција на граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ во Куманово, со поддршка на механизацијата на ЈП „Чистота и зеленило“ (Фото: СДК.МК)

    Над 300 тони смет и шут беше изнесено од дивата депонија на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, пред населбата Проевце, во еколошката акција на волонтерите на граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“. Во чистењето се приклучи и механизацијата на ЈП „Чистота и зеленило“ и Општина Куманово, кои со багери подигнаа 24 приколки од камион и 3 тракторски приколки најразличен отпад, кој несовесните граѓани го фрлаат покрај патот.

    „Ова депонија е со цврст отпад и шут, меѓутоа за мотивација и за старт почнавме од тука. Кумановци живеат во ѓубре и смет, кое секојдневно самите го создаваат. Ниту 100 јавни претпријатија не можат да исчистат колку граѓаните можат да извалкаат и да ја загадат животната средина. Затоа, ова лето ‘Не биди ѓубре’ – кумановска параформација, ќе биде цело лето активна и ќе правиме напори секој викенд да исчистиме по едно вакво место во општината сè додека не проработи свеста кај граѓаните“, рече активистката Андријана Недељковски.

    Оваа е прва акција на граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ во Куманово, каде што има голем број диви депонии. Дел од нив редовно чистат, но несовесните граѓани повторно ги создаваат.

    С. НИКОЛИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари