Во паркот на улица Букурешка во скопско Тафталиџе од синоќа се воведени ноќни стражи за одбарана на зеленилото од изградба на петкатница. Жителите на готовс чекаат знак од стражарите да излезат ако се појават багерите.
„Почнавме да се штрекнуваме на секој шум. Веднаш излегуваме ако некој непознат застане во паркот, ако некој помине двапати со кола или ако ни се види сомнителен. Организирани сме 24/7. Имаме цела мрежа за известување ако има потреба да излеземе во одбрана на единственото нешто што остана во нашиот комшилук и подготвени сме да легнеме пред багерите“, вели еден од станарите.
Вчераутро паркот четири саати беше под опсада од станарите откако стражарите откриле дека багери, камиони и дваесеттина работници се спремаат да влезат и да почнат да копаат темели.
„Уште во осум часот бевме на нога. Ни јавија дека на педесеттина метри од овде багерите се спремни и чекаат знак за старт за да дојдат во паркот. Машините стоеја со влучени мотори, а оние што ги управуваа постојано разговараа на телефон. Тие на едниот крај на улицата ние на другиот, се гледавме како под нишан, крвнички, цели четири часа пред да си заминат. Повозрасните од зградава едвај ги убедивме да се засолнат под сенка и да седнат, да не стојат на сонцето. Околу пладне тензијата попушти, багерите се повлекоа, а ние си влеговме дома, но повторно со страв да не се вратат“, вели жител на Букурешка.
Петкатница во нивниот парк се обидува да почне да гради Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од посебно значење на државно земјиште. Тоа што инвеститор е државата дополнително ги револтира граѓаните.
„Во нашиов парк сменети се улогите. Место државата да го казнува секој обид да се уништува зеленило, ние ја вршиме таа работа, а државата е против интересот на овие граѓани овде“, велат станарите.
Нивниот интерес е да си го зачуваат зеленилото оти буквално живеат во паркот. Становите во зградата се мали, а има и по три генерации сместени во еден стан, па тие им служат само за преспивање, а денот го минуваат на клупа во паркот. Токму затоа подготвени се до последни сили да го бранат.
Вчера од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор информираа оти поднеле кривична пријава во Јавното обвинителство против непознат сторител за спречување градежни активности. Од претпријатието велат дека веќе имаат направено трошоци за ангажирање на изведувачот „Вардар градба“ кои имаа неколку неуспешни обиди да почнат да работат во паркот.
Ставот на Општина Карпош, која предвиде зграда во паркот, е дека со петкатницата нема да се уништи ниту педа зеленило.