ВОЗАЧИТЕ ВО ВЕЛЕШКО НАЈМНОГУ СЕ КАЗНУВААТ ЗА НЕПРОПИСНО ПАРКИРАЊЕ И ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕ

    ВОЗАЧИТЕ ВО ВЕЛЕШКО НАЈМНОГУ СЕ КАЗНУВААТ ЗА НЕПРОПИСНО ПАРКИРАЊЕ И ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕСоветниците на Опѓтина Велес побараа еднаквост при казнувањето за непрописно паркирање. (Фото: СДК.МК)

    Минатата година на возачите во Велешко им биле изречени 8.271 прекршочен платен налог, заедно со општините Градско и Чашка. Од овој број, 2.161 се евидентирани на делницата од автопатот А1 што ја покрива Полициската станица за БПС Велес, од тунелите кај Катланово до локалитетот Стоби. Односно, секој четврти сообраќаен прекршок е сторен на автопат. Овие казни се регистрирани по реализирани 56 републички акциски контроли, 21 локална и 418 засилени акциски контроли.

    „Во Велешко се издадени 7.555 прекршочни платни налози за наплата на глоба, од кои 1.866 или 25 отсто се за непрописно паркирање, што претставува зголемување за 38 отсто во однос на 2024 година. Вкупно контролирани од страна на ПС за безбедност во сообраќајот се 19.133 возачи и возила, од кои 17.465 биле исправни, а 1.668 неисправни. Вкупно исклучени возачи се 1.361, од кои најголем дел – 651, што е поразително – поради управување возило без возачка дозвола; 289 биле возачи почетници, а 173 управувале под дејство на алкохол“, кажа Ненад Дејаноски, командир на Полициската станица Велес, пред членовите на Советот на Општина Велес, образложувајќи ја работата на ПС Велес за 2025 година. Лани биле изречени 1.036 прекршоци поради неприлагодена брзина на движење.

    Советниците, пак, побараа еднаквост при казнувањето за непрописно паркирање.

    „Кај бензинската на Црна Река има колони автобуси, паркирани на тротоар или на коловоз, а има возачи кои ќе запрат 2–3 минути и веднаш се казнуваат. Кај Градскиот пазар е ист случај – пешаците се движат по коловоз, а возилата се паркирани на тротоар. Улицата „Луј Пастер“ нема тротоар, а се паркира по улицата“, беа забелешките на членовите на Советот.

    Освен возачите, и пешаците во Велес не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Од СВР Велес информираа дека лани биле изречени 14 прекршоци за минување на црвено светло на семафор и 161 прекршок за пешаци поради непоминување на обележан пешачки премин.

    Се санкционирале и лицата кои управуваат електричен тротинет. Во текот на 2025 година, сообраќајната полиција констатирала вкупно седум прекршоци кај лица кои управувале електричен тротинет – три за неносење рефлектирачки елек и четири за движење надвор од предвидената патека.

    Лани, по патиштата во Велешко, биле одземени 48 возила – дел поради истечена регистрација подолга од шест месеци, 19 поради преголема бучава. Биле изречени и 59 прекршоци поради техничка неисправност на возила, како и 21 прекршок поради преоптовареност на возилото со товар.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира