ВОЗАЧОТ НА КОМБЕТО СÈ УШТЕ E ВО БЕГСТВО ПO СООБРАЌАЈКАТА КАЈ РАДОВИШ ВО КОЈА ЗАГИНАА ДВАЈЦА МИГРАНТИ

    ВОЗАЧОТ НА КОМБЕТО СÈ УШТЕ E ВО БЕГСТВО ПO СООБРАЌАЈКАТА КАЈ РАДОВИШ ВО КОЈА ЗАГИНАА ДВАЈЦА МИГРАНТИВкупно 9 мигранти се со потешки повреди кои се задржани на понатамошно лекување во штипската болница. - Од вчерашната сообраќајка кај Радовиш (Фото: СДК.МК)

    Полицијата сè уште го бара возачот на комбето Ивеко кое вчера попладне излета од коловозот и удри во метална ограда кај Радовиш при што двајца мигранти загинаа, а 18 беа повредени. Освен што се преземаат мерки за негово пронаоѓање, полицијата информираше дека се пронајдени нови тројца мигранти кои по несреќата заедно со возачот го напуштиле местото на настанот. И тие имале повреди но избегале плашејќи се да не бидат откриени.

    „Синоќа околу 22 часот и 30 минути на автопатот биле забележани уште три лица кои биле пренесени во Јавната здравствена установа Радовиш каде им биле констатирани телесни повреди. По укажаната лекарска помош две лица биле задржани во полициската станица, а едно префрлено во клиничкиот центар во Штип“, информираше Хризантема Рендевска од СВР Струмица.

    Јавното обвинителство информираше дека вкупно 23 мигранти од Бангладеш и Шри Ланка вчера илегално се превезувале во комбе Ивеко со скопски регистарски ознаки. Откако бил направен увид биле сослушани неповредените мигранти кои се сместени во прифатниот центар во Гази Баба во Скопје.

    „Издадена е наредба за пронаоѓање на лицето што управувало со возилото, наредба за сообраќајно техничко вештачење на комбето обдукција на починатите но и наредба за идентификација на останатите мигранти“, информираше јавното обвинителство

    Вкупно 9 мигранти се со потешки повреди кои се задржани на понатамошно лекување во штипската болница. Се здобиле со фрактури, но како што кажаа од болницата сите се комуникативни и во стабилна здравствена состојба.

    Последниов период значително се зголемени обидите за илегален влез на мигранти од соседна Грција. За првите пет месеци МВР има регистрирано 3.150 обиди за илегално поминување на јужната границата а овој месец биле спречени над 370 илегални преминувања на македонско јужната граница.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира