Директорите на железничките претпријатија од Македонија и Грција со своите работни групи треба да ја продолжат меѓусебната комуникација и да ги утврдат натамошните процедури за да профункционира железничкиот сообраќај меѓу двете држави преку граничниот премин Меџитлија, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска во Битола. Пругата од Битола до граничната станица вредна 17 милиони евра е оспособена и има дозвола за сообраќање, а се градеше речиси шест години. Но, по неа не сообраќаат возови за Грција, а запре и оној што возеше до Жабени.
„Минатата недела имавме средба со државниот секретар, кој ја предводеше делегацијата од министерството за транспорт на Грција. Драго ми е што од двете страни се потврди политичката волја за повторно воспоставување на една добра пракса на соработка и комуникација помеѓу двете држави. Од нашата страна инфраструктурата е подготвена и сега останува директорите на двете железнички претпријатија со своите работни групи да ја продолжат оваа комуникација и да ги утврдат сите натамошни процедури за овој сообраќај повторно да профункционира“, рече Бочварски.
Запрашан дали има некакви точни термини кога работните групи ќе се сретнат, тој рече дека допрва ќе бидат утврдени роковите.
Бочварски и премиерот Ковачевски денеска присуствуваа на пуштањето во употреба на обновениот регионален пат Битола-Меџитлија, во должина од 12,5 километри. Инвестицијата чинеше 3,28 милиони евра, обезбедни од ЕБОР. Патот остана со истата широчина како и претходно, од шест до 6,5 метри и минува низ населените места Бистрица и Кравари.
За идната година, претставниците на Владата најавија дека се обезбедуваат средства за изградба на нов експресен пат Битола-Меџитлија со обиколница околу Битола, за кој веќе има одобрен инфраструктурен и ревидиран основен проект, при што се води грижа и за животната средина.
Ж. ЗДРАВКОВСКА