ВОЗОТ СКОПЈЕ-КОЧАНИ ВО 2:22 ЧАСОТ ОДАМНА Е МИНАТО, ЖЕЛЕЗНИЧКИТЕ СТАНИЦИ СТАРИ ЕДЕН ВЕК СЕ РУИНА, А ПРУГАТА Е ОБРАСНАТА СО ТРЕВА

    ВОЗОТ СКОПЈЕ-КОЧАНИ ВО 2:22 ЧАСОТ ОДАМНА Е МИНАТО, ЖЕЛЕЗНИЧКИТЕ СТАНИЦИ СТАРИ ЕДЕН ВЕК СЕ РУИНА, А ПРУГАТА Е ОБРАСНАТА СО ТРЕВАВеќе подолго време нема воз за Штип и Кочани, а пругата е оштетена и необновена. (Фото: СДК.МК)

    Многумина се сеќаваат на возот што во 2 часот и 22 минути сообраќаше на релацијата Скопје-Кочани. Оваа линија им беше добредојдена на голем број луѓе кои одеа во главниот град по разни потреби, а немаа како да се вратат назад во раните утрински часови.

    Возот во 2:22 часот и повеќе други линии одамна се минато. Веќе подолго време нема воз за Штип и Кочани. Ни патнички, ни товарен. Пругата е оштетена, необновена и целата обрасната со трева. Оние кои ја преминуваат пругата кај Овче Поле велат толку е обрасната со трева што не се ни гледа, а изобилството на булки нуди услови да се сними втор дел од ТВ-серијата „Булки крај шините“.

    Денес опстојуваат само железничките станици во кои живеат пензионирани машиновозачи и скретничари, како што е Стојан Михаилов (Фото: СДК.МК)

    Десетина железнички станици долж пругата Скопје-Кочани стари еден век денес се руинирани. Во посебно катастрофална состојба се станиците покрај пругата Велес-Кочани. Тие се празни и напуштени, поголем дел се разрушени, а дел од нив, иако необновени со децении и склони на паѓање, се живеалишта главно на пензионирани работници во Македонски железници.

    Еден од нив е долгогодишниот работник на железничката станица во Штип, Стојан Михаилов, кој со носталгија зборува за убавите работни времиња што ги поминал покрај пруга. Се сеќава кога возовите беа многу популарни, не само поради евтините билети, туку и поради бројноста на патниците што можеа да ги превезат.

    Како и пругата, и железничките станици биле градени во 1923, но денес повеќето се руини (Фото: СДК.МК)

    „Се бараше карта повеќе, па дури и се резервираше или се вадеше неколку дена порано, само да се обезбеди на време. Возовите беа пренатрупани со патници кои одеа на свадби, а да не зборувам кога се заминуваше на служење воен рок. По една деценија, возовите станаа стари, но сепак функционални. Истото тоа се случуваше и подоцна со популарниот воз ‘шпанец‘, вели Михаилов.

    Според архивските материјали, оваа пруга е изградена во 1923. Пругата од Велес до Штип се изградила за помалку од една година, а наредната година се изградила пругата до Кочани.

    „Своевремено, на оваа релација дневно минуваа шест патнички и осум товарни возови во двете насоки. Но, од 2010 година, кога заминав во пензија, товарен воз воопшто не поминал. Одвреме-навреме поминуваше по некој патнички воз, но во последните години и нив ги нема. Живеам во објект кој е дел од железничката станица во Штип и многу ми недостасуваат жагорот на патниците и свирењето на возовите кои доаѓаат или заминуваат“, вели Михаилов.

    Од 1923 датираат и железничките станици.

    Повеќе од десет години не поминал товарен воз кај Штип, а во последните години ниту патнички (Фото:  СДК.МК)

    „Напоредно со пругата се граделе и железничките станици на сите патни премини, почнувајќи од велешкото село Отовица, потоа Лозово, Овче Поле, Штип, Долни Балван, Ванчо Прќе, кај селото Соколарци и во Кочани. Се изградиле и помошни станици или стражарници како контролни пунктови. Но, речиси сите се напуштени и разурнати. Единствено опстојуваат станиците во кои живеат поранешни работници во Железницата, кои колку-толку ги одржуваат објектите. Такви се само станиците во Штип и кај Соколарци“, додава Михаилов.

    Пред седум години, Општина Штип му понудила на Македонски железници со сопствени средства да ги реновира внатрешноста и фасадата на станицата, но била одбиена затоа што наводно на ниво на држава имало план за обнова на железничките станици на сите пруги. Според Михаилов, досега се обновени само станиците на главната пруга Скопје-Гевгелија.

    Од Македонски железници информираат дека планот за обновување засега ќе почека, затоа што во овој период вниманието било насочено кон изградбата на пругата кон Крива Паланка и Бугарија и во целина на Коридорот 8.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира