ВОЗОВИТЕ ДОЦНАТ СО ЧАСОВИ, ОД МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ ВЕЛАТ ПОРАДИ ТОПЛОТО ВРЕМЕ МОРА ДА ВОЗАТ ПОСПОРО

    ВОЗОВИТЕ ДОЦНАТ СО ЧАСОВИ, ОД МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ ВЕЛАТ ПОРАДИ ТОПЛОТО ВРЕМЕ МОРА ДА ВОЗАТ ПОСПОРОМинатиот вторник патничкиот воз од Скопје до Велес задоцнил за 2,5 часа и наместо во 17.40 во Велес пристигнал во 20.15 часот.(Фото: СДК.МК)

    Поголемиот дел од патничките возови на Македонски железници последните десетина дена возат со големо задоцнување. Патниците реагираат дека доцнењето е со часови, а не со минути како досега. Минатиот вторник, патничкиот воз од Скопје до Велес задоцнил за 2,5 часа односно наместо во 17.40 во Велес пристигнал во 20.15 часот. Саботниот вечерен воз од Битола во Велес пристигнал околу 23.30, иако по возен ред треба да е на станицата во 21 часот. Во неделата попладне патничкиот воз од Гевгелија кој во Велес пристигнува во 18,40 допатувал во 20 часот.

    „Патувањето со воз стана како авантура, не знаеш кога ќе тргнеш, ниту кога ќе стигнеш. Не е ни малку пријатно на пусти станици да се чека со саати на жешкото сонце“, велат патниците.

    Тие сведочат дека има случаи кога возовите се расипуваат, како што било со патничкиот воз од Скопје минатиот вторник, кој се расипал на железничка станица Зелениково и се чекало да дојде друг да го замени.

    Велешанка која од Австралија дошла дома по 15 години, во сабота сакала со воз да патува до Скопје.

    „По редот на возење воз има на пладне кога стигнав на железничка. Но воз немаше, а ми рекоа дека нема ни да дојде па се вратив назад“, вели велешанката и додева дека во минатото вакво нешто не ѝ се случило.

    И додека патниците посочуваат примери дека дел од возовите се расипуваат, од МЖ Транспорт велат дека  причина за доцнењето се високите температури.

    „Доцнењата се директно и индиректно поврзани со ограничувањата на брзината на возовите на пругите на македонските железници од страна на ЈП Инфраструктура, поради високите летни температури. Тоа значи дека од 12 до 19 часот сите возови сообраќаат со максимална брзина од 50 километри на час, а од 19 часот до следниот ден до 12 часот со 70 километри на час. Продолжените возни времиња го зголемуваат времето на патување, ги крати технолошки предвидените времиња во обртни станици и го нарушува возниот ред на возовите, што само по себе доведува помали или поголеми задоцнувања на овие возови“, соопштија од АД МЖ Транспорт.

    Од година во година се намалува бројот на патници кои ги користат услугите на Македонски железници поради помалиот број на железнички линии, но и доцнењето и лошите услови за патување. На прашањето кога ќе продолжат со сообраќај патничките возови до Кочани и Кичево, кои една година не сообраќаат, од МЖ Транспорт не одговорија.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира