ВРАБОТЕНИ ВО ПРИЛЕПСКИОТ ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА ЈА ТУЖАТ ДИРЕКТОРКАТА ЗА ПОЛИТИЧКИ МОБИНГ 

    ВРАБОТЕНИ ВО ПРИЛЕПСКИОТ ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА ЈА ТУЖАТ ДИРЕКТОРКАТА ЗА ПОЛИТИЧКИ МОБИНГ Домот за стари лица „Киро Крстески Платник“ во Прилеп (Фото: СДК.МК)

    Четворица вработени во домот за стари лица „Киро Крстески Платник“ во Прилеп поднесоа кривична пријава против директорката Ирена Стерјоска Локвенец, обвинувајќи ја политички мобинг којшто трае, како што велат, од моментот на нејзиното преземање на функцијата пред година и пол.

    „Не се издржува веќе овој притисок. Само ние сме виновни за сѐ што се случува во домот. Директорката користи секакви погрдни зборови, ни се заканува дека ќе нѐ казни на плата, и тоа го прави, се заканува дека ќе нѐ избрка од работа, а пред неколку дена една колешка и физички беше малтретирана од еден од вработените, па за да се смири ситуацијата беше повикана полиција. Но, злоупотребите во фирмата ги прават тие, директорката и нејзините патиски приврзаници, зашто службените возила ги носат дома и ги користат за лични потреби, додека ние на работа доаѓаме со такси. На дел од партиски вработените не им го знаеме ни работното место. Секое доаѓање на работа е стрес за нас“, се жалат овие вработени.

    Адвокатот Жарко Стеваноски, којшто е нивен законски полномошник тврди дека директорката подолг период ги мобира овие вработени.

    Од влезот во домот се чувствува непријатен мирис, креветите и масичките на тешко болните се нечисти, не им се пружа ниту соодветна нега на старите лица, коишто тука бараат спас во доцните години од својот живот (Фото: СДК.МК)

    „Вработените се жалат и на партиски притисоци, за да им сведочат во постапки против политички неистомисленици вработени во домот, а преку закани дека ќе бидат кажани во месните комитети, дека во најбрз можен рок ќе бидат избркани од работа, доколку така продолжат, зголемен им е обемот на работа како последица на неподлегнување на тие закани“, изјави адвокатот Стеваноски, додавајќи дека подолго време се воделе дисциплински постапки против овие вработени, но сепак на крајот било потврдено дека директорката само ги малтретирала вработените при вршење на службата.

    За овој проблем побаравме одговор и од директорката на домот.

    „Не сакам да давам никаква изјава се до институционална разрешница на целата оваа ситуација“, рече Стерјовска Локвенец.

    А, од доаѓањето на директорката функција, на крајот на 2015, Стерјовска Локвенец ја следат перманентни реакции на вработените, кои непрекинато се жалат на притисоци, казни, работа во ноќна смена без обезбедување по една медицинска сестра…

    Од друга страна, условите за сместување на штитениците во домот се крајно несоодветни. Од влезот во домот се чувствува непријатен мирис, креветите и масичките на тешко болните се нечисти, не им се пружа ниту соодветна нега на старите лица, коишто тука бараат спас во доцните години од својот живот.

    „Па ни ставаа прашок за вошки, зашто има вошки во домот. Јас сум овде повеќе од три години, тешко се движам, а некоја посебна нега нема. Среќни сме што има храна и греење во зима, оти пред година  и пол немаше ни греење, смрзнувавме додека нѐ бањаа“, изјави едена штитеничка од домот.

    Домот го следат и финансиски дубиози стекнати во време на директорувањето на претходникот на Стерјоска Локвенец, Дарко Рибароски, кој што домот го остави со блокирана сметка за долг од 225.000 евра.

    Домот за стари лица е општинска јавна институција. Се финансира преку Министерството за труд и социјална политика, а штитениците сами ги плаќаат трошоците за својот престој.

    М. ТАЛЕСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира