Вработени во основните училишта во Општина Карпош ќе им помагаат на децата безбедно да ги минуваат улиците до училиштата. За да се зголеми безбедноста на учениците, вработени во училишта од ненаставниот кадар, со унифицирани жолти елеци и знак стоп за пешаци, ќе ги спроведуваат учениците додека ги поминуваат фреквентните улици.
„Станува збор за побезбеден пречек на учениците пред почетокот на наставата, грижа додека трае големиот одмор, и по завршување на наставата. Оваа безбедносна новина, почнувајќи од годинава, ќе се спроведува секој училишен ден, преку целата година“, велат од Општина Карпош.
За зголемување на безбедноста на учениците, овој месец ќе се постават лежечки полицајци пред училиштата „Војдан Чернодрински“, „Братство“, „Јан Амос Коменски“ и „Димо Хаџи Димов“.
А. АНТЕВСКА