ВРАБОТЕНИТЕ ОД „КОЛСКА“ ГО БЛОКИРАА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ СООБРАЌАЈ ВО ВЕЛЕС ОТИ НЕ ИМ БЕШЕ ДОЗВОЛЕНО ДА ПАТУВААТ СО ВОЗ БЕЗ БИЛЕТИ НА ПРОТЕСТ ПРЕД ВЛАДАТА

    ВРАБОТЕНИТЕ ОД „КОЛСКА“ ГО БЛОКИРАА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ СООБРАЌАЈ ВО ВЕЛЕС ОТИ НЕ ИМ БЕШЕ ДОЗВОЛЕНО ДА ПАТУВААТ СО ВОЗ БЕЗ БИЛЕТИ НА ПРОТЕСТ ПРЕД ВЛАДАТАВработените велат дека пари за карти немале оти со месеци сметката им е празна. (Фото: СДК.МК)

    Вработените од велешката фабрика за шински возила „Колска“ утрово наместо да заминат пред Владата, за каде најавија протест, останаа на железничка станица во Велес. Бидејќи немале купено билети, не им било дозволено да се возат со патничкиот воз од Гевгелија за Скопје. Тие во знак на револт ги сопреа на железничка станица во Велес сите утрински возови за Битола и Гевгелија, но и за Скопје.

    „Не ни дозволија да се качиме на возот, кондуктерите ни кажаа дека треба да си набавиме билети за да се возиме. Ние пари за карти да платиме немаме, синдикалната сметка е со месеци празна“, кажа Тони Арсовски претседател на синдикатот во фабриката.

    Револтот на вработените го почувствуваа неколку стотина патници од утринските возови за Битола, Гевгелија и од Гевгелија за Скопје. Имаше студенти и ученици од Гевгелија, Валандово, Демир Капија, Неготино кои од 6.30 до 9 часот чекаа возот да тргне, па доцнеа на предавања. Меѓу патниците беше и жител на Миравци, кој имал закажан термин за 9 часот во болница во Скопје.

    „Со воз се немам возено од 2008. Никаде немаше најавено дека ќе има протест и застој на железничкиот сообраќај“, рече патникот Ристо Даев.

    Од МЖ Транспорт со соопштение објаснија дека причината зошто вработените од „Колска“ не биле пуштени во патничкиот воз за Скопје е што немале билети.

    „Според Законот за договорите за превоз во железничкиот сообраќај’ патникот е должен пред започнувањето на патувањето да набави возен билет. Транспорт АД Скопје испрати профактура до Фабриката за шински возила – Велес, за покривање на трошоците за превоз на групата патници, за да може да им се дозволи на патниците без возен билет да патуваат на соодветната дестинација. Профактурата сè уште не е платена“, соопштија од АД МЖ Транспорт.

    Вработените од „Колска“ најавија дека утре ќе се обидат да протестираат пред Владата. Ако не им биде дозволено да отпатуваат, повторно ќе го блокираат железничкиот патнички сообраќај .

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира