ВРАБОТЕНИТЕ ВО ВЕЛЕШКА „КОЛСКА“ ГИ СОПРЕА УТРИНСКИТЕ ВОЗОВИ ЗА БИТОЛА И ГЕВГЕЛИЈА, БАРААТ ОДГОВОРИ ЗА ИДНИНАТА НА ФАБРИКАТА

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО ВЕЛЕШКА „КОЛСКА“ ГИ СОПРЕА УТРИНСКИТЕ ВОЗОВИ ЗА БИТОЛА И ГЕВГЕЛИЈА, БАРААТ ОДГОВОРИ ЗА ИДНИНАТА НА ФАБРИКАТАПротестот продолжува и во наредните денови, додека не се оствари средба со владините претставници (Фото: СДК.МК)

    Вработените во велешка „Колска“ утринава ги сопреа патничките возови за Гевгелија и Битола. Протестот кој се случи на железничката станица во Велес не бил поради доцнењето на платите, туку поради неизвесната иднина на фабриката.

    УЈП поради долг од 37 милиони денари донел одлука за присилна наплата преку продажба на дел од имотот. Со тоа се доведува во прашање иднината на фабриката. Имаме блокирана сметка, бараме средба со надлежните владини претставници. Ако има надеж, да испливаме од состојбата која трае со години или да ставиме клуч на ‘Колска‘“, кажа Тони Арсовски, претседател на ОО на ССМ во „Колска“.

    Фабриката брои 78 работници, бројка која од година во година се намалува. До 1980-ите биле 550 и секој ден од нејзините хали излегувале по 3-4 готови, репарирани патнички или товарни коли. Сојузот на синдикатите смета дека може да им се помогне на преостанатите вработени.

    Ќе поднесеме пријава до Државен трудов инспекторат, бидејќи во фабриката три месеци се исплатува плата од 15.200 денари, што е под законскиот минимум. Ќе бараме од судот ‘Колска‘ да биде ставена во ‘рамка‘ согласно потребните финансиски средства за обезбедување минимални услови за работа, за да не може УЈП да го продава имотот и да ја блокира сметката“, кажа Дарко Димовски, претседател на ССМ.

    Според гранковиот синдикат за сообраќај и врски, единствено можно решение е „Колска“ да се припои кон Македонски железници-транспорт или инфраструктура, по рецептот на „Ремонт на пруги“, кој се случи пред неколку години.

    Јавноста треба да знае дека за некоја година фабриката сама ќе згасне со постојниот фонд на работници, зашто сите се над 55-годишна возраст. Дваесет години нема нововработен. Ако ‘Колска‘ згасне, патничките и товарните вагони на МЖ ќе се работат во Бугарија или Србија. А, таму, цените за репарирање се во десетици илјади евра, неколку пати повисоки од нашите“, велат вработените.

    Протестот продолжува и во наредните денови, додека не се оствари средба со владини претставници.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира