ВРАБОТУВАЊЕ ИЛИ НЕ ОДИМЕ НА РАБОТА, ПРОТЕСТИРАА БОЛНИЧАРИ И ХИГИЕНИЧАРИ ОД ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ВО ДЕМИР ХИСАР

    ВРАБОТУВАЊЕ ИЛИ НЕ ОДИМЕ НА РАБОТА, ПРОТЕСТИРАА БОЛНИЧАРИ И ХИГИЕНИЧАРИ ОД ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ВО ДЕМИР ХИСАРТриесетина хигиеничари, болничари и друг административен кадар најавија дека до петок нема да одат на работа зашто, наместо решенија за работа на определено или неопределено време, пак им дале договори за дело кои не им обезбедуваат пензиско и здравствено осигурување (Фото: СДК.МК)

    Триесетина хигиеничари, болничари и друг административен кадар денес наместо на работните места во Психијатриската болница во Демир Хисар излегоа на протести пред болничката капија, барајќи трајно вработување. Најавија дека до петок нема да одат на работа зашто, наместо решенија за работа на определено или неопределено време, пак им дале договори за дело кои не им обезбедуваат пензиско и здравствено осигурување.

    „Работам како болничар со договор на дело, исто работев и во периодот од 2005 до 2007 година. Истиот проблем го имавме, не го решија. Оваа установа не е за со договор на дело, тука треба со бенифициран стаж да бидат вработените, а не со договор на дело без осигурување. Ни ветија дека ќе ни дадат договор на определено, но тоа не се случи. Бараме некое решение, да ни тече стаж, да бидиме осигурани, ништо немаме, не ни следува ни одмор. Во оваа установа тука не се исплатува да се работи за 13.000 денари месечно“, вели болничарот Игор Бошевски.

    Дел од лицата кои протестираа, во изминатите години биле ангажирани преку Агенции за вработување. Од април до Нова година лани им биле направени договори на дело, а исти такви добиле и за оваа година.

    „Болницата ќе опстои и без нас, но ќе се засмрдат и ќе се вошлосаат внатре зашто има вработен само еден хигиеничар, а 16 сме со договор на дело. Пациентите се проблематични, измет има насекаде. А ние доаѓавме една година на ризик, можеше да нè удри некој, да нè повреди, а без осигурување бевме“, рече Ице Ѓорегиевски, хигиеничар во Болницата.

    Директорката на Психијатриската болница Тања Лозановска вели дека овие кадри ѝ се потребни на установата, хигиената мора да се одржува и дека се постојано на увид на Санитарната инспекција. Таа додава дека има и пари и волја да се реши проблемот на лицата со договор на дело.

    „Средства имаме и на фондовската сметка и на сопствената. Финансирањето на овие луѓе ќе биде комбинирано. Хигиеничарите ќе се ангажираат преку Агенција за чистење, која ќе се избере преку јавна набавка, за таа постапка да се спроведе потребни ни се најмалку 45 дена. А во меѓувреме, обезбедени се со договори на дело. Преку агенцијата ќе имаат и плата и осигурување. Останатите ќе ги финанасираме од фондовската сметка преку договори за работа на определено време. Доколку министерството даде зелено светло за неопределено, така ќе постапиме зашто установата има потреба од овие луѓе и не треба да има вработени од прв и втор приоритет“, рече Лозановска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира