ВРЕМЕ Е ДА СЕ ПРОМЕНИ СИСТЕМОТ НА ПЛАЌАЊЕ КОН ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВО, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ САЛИ НА ПРОТЕСТОТ НА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ И СТОМАТОЛОЗИ

    ВРЕМЕ Е ДА СЕ ПРОМЕНИ СИСТЕМОТ НА ПЛАЌАЊЕ КОН ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВО, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ САЛИ НА ПРОТЕСТОТ НА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ И СТОМАТОЛОЗИДокторите од малите места поради малиот број пациенти земаат минимална плата од 18 илјади денари, рекоа на протестот лекарите. (Фото: К. Попов)

    Наместо на Денот на здравството, 7 Aприл, да кажеме дека имаме задоволни доктори, медицински сестри, задоволни пациенти, ние на овој ден зборуваме за незадоволство и проблеми, рекоа докторите од приватното здравство на протестот пред Министерството за здравство, на кој се приклучија и приватните стоматолози.

    „Овдека идеме да побараме помош за опстанокот на приватното здравство. Тоа е пред сè за покачување на бодот кој од 2018 не е покачен, а сè се покачи во државата. Наше стратешко барање е пациентите да бидат на приватна здравствена установа, а не на доктор, за да може младите доктори веднаш да продолжат да работата со ординацијата и да не чекаат по пет месеци административни работи. Овој протест е и за колегите доктори од малите места, кои поради малиот број пациенти земаат минимална плата од 18 илјади денари. Мора да се ревидира и казнената политика со Фондот за здравство, нè казнуваат за административни грешки“, кажа д-р- Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари (ЗПЛМ), кое го организираше протестот.

    Докторите од помалите населени места реагираат дека во Македонија има мали места без доктори, но има доктори во мали места без пациенти.

    На почетокот од протестот дојде и министерот за здравство Беким Сали, што наиде на одобрување од присутните здравени работници од приватниот сектор.

    „Министерот Сали ни е последна надеж дека состојбите во приватното здравство може заеднички да се избориме за подобро приватно здравство. Проблемите се наталожени оти со години ниту еден министер и Влада не презедоа ништо, по нашите реакции“, додаде д-р Чолакова-Дервишова.

    „Со моето присуство тука го поддржав овој протест, јас доаѓам од примарното здравство. И јас се соочувам со истите проблеми. Сметам дека е идеален момент да ги решиме проблемите на приватното здравство. Системот на плаќање кон приватното здравство е 20-годишен и време е да се промени“, изјави министерот Сали.

    На протестот пристасуваа и приватните стоматолози.

    „Седумнаесет години како стоматолозите сме приватни. Капитацијата не е променета со години. Ценовникот за услугите кои се на товар на Фондот за здравство не е променет од 2009 година. Ние приватните стоматолози сме на раб на егзистенција. Вие, како колега стоматолог, министре, очекуваме дека ќе го прифатите нашиот апел и ќе помогнете“, кажа претставникот на стоматолозите.

    Договорено било работните групи да започнат со работа на 14 април, а од утре приватните доктори повторно ги примаат пациентите.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира