ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО ПРИЈАВИЛЕ 40 ОТСТО ОД АНКЕТИРАНИТЕ ОСНОВЦИ ВО КУМАНОВСКИТЕ УЧИЛИШТА

    ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО ПРИЈАВИЛЕ 40 ОТСТО ОД АНКЕТИРАНИТЕ ОСНОВЦИ ВО КУМАНОВСКИТЕ УЧИЛИШТАОд 840 анкетирани ученици во 13 основни училишта имаа 318 пријавени случаи на врсничко насилство. (Фото: СДК.МК)

    Врсничкото насилство во кумановските училишта е во голем пораст покажа анкетата меѓу учениците, која на крајот на минатата година ја спроведе општинскиот Совет за превенција од детско претстапништво во Куманово. Од вкупно 840 анкетирани ученици дури 318 пријавиле врсничко насилство.

    Извештајот од оваа анонимна анкета на последната седница на Советот на Општина Куманово ја презентираше претседателката на Советот за превенција од детско претстапништво Лила Младеновска, инспекторка во кумановската полиција.

    „Од работилниците кои ги држевме со учениците се наметна потребата да направиме анонимна анкета, за да видиме во колкава мера и на кој начин е застапено врсничкото насилство меѓу нашите ученици. Во текот на октомври и половината на декември анкетата беше направена во сите основни училишта, во две училишта имавме технички проблеми и таму ќе се повтори. Во помалите училиштата опфатени беа сите ученици од шесто до деветто одделение, додека во училиштата со поголем број на паралелки анкетирани се по 10 деца од секое одделение. На тој начин сакавме да дојдеме до бројка и да детектираме во секое одделение колку е застапен булингот. Од 840 анкетирани ученици во 13 основни училишта имаме 318 пријавени случаи на врсничко насилство. Врсничкото насилство во нашите училишта во 2023 година е во голем пораст. Ни беше посочено дека оваа бројка што сме ја добиле во пракса е двапати или трипати поголема, затоа ќе ни треба активна вклученост и соработка со родителите и училиштата заради справување со оваа негативна појава“, изјави инспекторката Младеновска.

    Добиените информации ги споделиле со директорите на основните училиштата, Секторот за образование во Општина Куманово и Народниот правобранител, а очекува поддршка и од советниците.

    Тие, пак, сметаат дека покрај конкретни мерки од стручните служби на училиштата, за решавање на проблемот најповикани се родителите кои во изминатиот период не покажале баш голем интерес да дознаат што прават нивните деца додека не се дома.

    „Станува збор за огромен процент на врсничко насилство со оглед на тоа што анкетите не ја покажуваат реалната бројка, поради задршка на некои од децата кои се анкетирани, и затоа сметам дека таа бројка е многу поголема. И затоа оваа состојба не да е загрижувачка, туку е крајно алармантна. Како родител, член на советот на родители и советничка, барам сите заедно да апелираме до сите родители да се вклучат во борбата против секаков вид на врсничко и друг вид на насилство, бидејќи праксата покажа дека родителите не се заинтересирани за ваквата соработка. Ова го зборам од лично искуство, бидејќи пред еден месец на состанокот во ОУ ‘Крсте Мисирков’ од поканети 207 родители од седмо и осмо одделние се појавивме само 10-тина родители. Мислам дека родителите не се свесни што се случива со нивните деца во и околу училиштата“, кажа советничката Валентина Младеновска.

    Советникот Дритон Сулејмани побара законски промени и законски казни за да се санкционираат родителите на децата кои вршат насилство врз другите деца, бидејќи тие се одговорни за однесувањето и воспитувањето на своите деца.

    Раководителот на Секторот за образование во Општина Куманово, Александар Јовановиќ, вели дека тие веќе одржале состанок со директорите на сите основни училишта, и дадени им се инструкции како да постапуваат во законските рамки. Во училиштата каде што има поголем број на пријави за врсничко насилство веќе се одржани родителски состаноци и предочена е состојбата, а во второто полугодие откако ќе се вратат децата во училиште ќе се организираат работилници за решавање на проблемот.

    „Повеќе пријави за булинг има во поголемите, градските училишта, и секако дека состојбата е загрижувачка. Но, она што не е прецизирано во анкетата е дали се работи за насилство во училиштата или надвор од нив, односно дали станува збор за сајбер булинг. Ние во наредниот период заедно со советот ќе направиме такво истражување да видиме дали насилството се случува во нашите објекти или на интернет групите во кои членуваат децата, а ние таму веќе немаме надлежност да постапуваме и да контролираме“, вели Јовановиќ.

    Советот за превенција од детско претстапништво е тело на Општина Куманово и работи на сузбивање на врсничко насилство, злоупотреба од опојни дроги, трговија со деца и сл. Во советот членуваат претставници на стручните служби и институции во градот, родители од сите училишта, кои ги детектираат девијантните појави кај учениците и бараат нивно решавање.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира