ВТОР ПОМОР НА РИБИ ЗА 20 ДЕНА КАЈ КУМАНОВСКО ДОБРОШАНЕ

    ВТОР ПОМОР НА РИБИ ЗА 20 ДЕНА КАЈ КУМАНОВСКО ДОБРОШАНЕРезултатите од анализите за првит помор во Кумановка и Пчиња уште не се познати за јавноста. (Фото: СДК. МК)

    Помор на риби од вливот на реките Кумановка и Пчиња по течението кон Искрин Мост кај селото Доброшане синоќа забележале кумановските рибари. Тие го пријавиле случајот во Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), при што веднаш бил извршен вонреден инспекциски надзор на лице место.

    „Во вечерните часови се земени повеќе мостри на вода од разни локации пред и по Пречистителна станица за третман на отпадни води во с. Доброшане, а направена е и фотодокументација и видеоснимки од страна на неколкуте присутни рибари. Директорот на ЈП Водовод Куманово, кој беше присутен на локацијата, информираше дека е настанат краткотраен проблем со довод на електрична енергија околу 18 часот кога станицата не била во редовна функција“, соопшти ДИЖС.

    Мострите од вода се доставени до акредитирана лабораторија за животна средина, а врз основа на лабораториски анализи ќе се води понатамошна инспекциска постапка со соодветни мерки и санкции.

    За само 20 дена ова е втор помор на рибите во реките Кумановка и Пчиња. И тогаш беше извршен вонреден инспекциски надзор во Пречистителната станица за отпадни води во селото Доброшане со која стопанисува ЈП „Водовод“ во Куманово и во фабриката за преработка на зеленчук во селото Драгоманце во Општина Старо Нагоричане, поради тоа што во водата беше испуштена виолетова течност во реката во Драгоманце. Примероците од угинатата риба беа предадени на анализа на Државниот инспекторот за земјоделство.

    Резултатите од анализите уште не се познати за јавноста.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира