ЗА 10 ДЕНАРИ ПОСКАПЕ СТАРТНИНАТА НА ТАКСИ ПРЕВОЗОТ ВО ШТИП, ЌЕ СЕ МЕНУВА СПОРЕД ЦЕНАТА НА ГОРИВОТО

    ЗА 10 ДЕНАРИ ПОСКАПЕ СТАРТНИНАТА НА ТАКСИ ПРЕВОЗОТ ВО ШТИП, ЌЕ СЕ МЕНУВА СПОРЕД ЦЕНАТА НА ГОРИВОТОАко се намалува цената на горивото и ние ќе ја намалуваме цената на такси услугата и обратно, велат од Здружението. (Фото: СДК.МК)

    Штипските такси компании најавија дека стартнината се зголемува од 70 на 80 денари до 2 километри, а секој нареден километар ќе чини по 25 денари.

    „Принудени сме за вакви корекции на цените затоа што Регулаторната комисија за енергетика веќе секојдневно ги коригира цените на горивото и ги зголемува. Такси компаниите се врзани за одлуките од Општините, но државната регулаторна комисија ни наметнува и ние да ја имаме истатата методологија, па ако се намалува цената на горивото и ние ќе ја намалуваме цената на такси услугата и обратно“, вели претседателот на Здружението на такси компаниите во Штип, Глигор Арсов.

    Тој вели дека во изминатиот месец, се затворија 20 помали такси компании неможејќи да ја издржат енергетската криза и постојаното зголемување цените на горивото, а вработените останаа без работа. Уште возат само 5-6 компании.

    Здружението бара и поголема контрола на дивите таксисти. На пример, само во Штип од 200 такси возила, едвај половината се легални со жолти таблици. Оваа состојба ќе се толерира до септември до кога е рокот за лиценци, но потоа МВР мора да ги засили контролите и да казнува.

    Според Арсов, компаниите за такси услуги деновиве имаат сериозни проблеми и со набавката на гориво. Не само што цената постојано се зголемува и го намалува бројот на патниците, туку горивото и го нема секогаш. Вчера и денеска седумте бензински пумпи во Штип останаа без гориво, освен бензинската пумпа на „Лукоил“ која се наоѓа на излезот од Штип кон Скопје.

    Со оглед на аларамантната состојба на такси компаниите во државата, деновиве во Штип се одржа и заеднички состанокот на сопственицитеод целата држава затоа што проблемот е ист и во Битола и во Берово, во Скопје и во Штип. Тие се во постојана комунуикација и велат дека ако не се подобрат условите за нивно егзистирање сериозно ќе реагираат кај надлежните државни органи, а до Владата ќе поднесат и посебни предлог-мерки.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира