По речиси тричасовна, на моменти и жестока расправа, Советот на Општина Тетово донесе одлука за зголемување на надоместокот кој го плаќаат граѓаните на Тетово за собирање и транспортирање на отпад кое го прави приватната компанија „Саубермахер“. Општина Тетово пред две години потпиша договор за јавно-приватно партнерство со компанијата.
Од компанијата Саубмахер“ бараа покачувањето на сметките да биде за 30 проценти, поради како што рекоа, зголемени трошоци на работењето. На нивното барање се поднесоа голем број амандмани од кои беа прифатени само оние кои ги предложи власта во Советот на Општина Тетово.
„Предложената цена доставена од ‘Саубмахер‘ од 4,2 денари се намалува на 3,8 денари по метар квадратен. За лица кои имаат во сопственост два или повеќе објекти, цената изнесува 50% од предвидениот износ, односно 1,9 денари по метар квадаратен. За правните лица предложената цена од 6 и 8 денари се утврдува да биде 5,5 денари по метар квадратен. Угостителски објекти ќе плаќаат 9 денари по метар квадратен. За објекти за игри на среќа беше предложена цена од 12 денари, но таа сега е зголемена и ќе изнесува 15 денари по метар квадратен“, истакна Алби Ќамили советник од редовите на „Вреди“.
Домаќинствата во Тетово до сега плаќаа по 3,2 денари за метар квадратен, а со новиот ценовник таа ќе изнесува 3,8 денари за метар квадратен станбена површина. На предлог од ВМРО-ДПМНЕ со новиот ценовник им се излегува во пресрет на оние граѓани кои живеат во куќи со поголема квадратура, но само на оние во кои живеат најмногу до две лица. До сега сметките за нив се пресметуваа според вкупната квадратура на објектот.
„Цената за собирање на отпад за домаќинства во која живеат до 2 лица е фиксна и ќе изнесува 600 денари, ако пресметаниот износ според метар квадратен е поголем од 600 денари. На пример објектот ако има 200 квадрати, наместо да плати 760 денари ќе плати фиксна цена од 600 денари“, рече советникот Ангел Карапетров од ВМРО-ДПМНЕ.
На зголемувањето на цените остро се спротивставија советниците од опозицијата, независните советници и оние од ДУИ, наведувајќи дека се бара зголемување на цените во време кога граѓаните се наоѓаат во голема економска криза. Независниот советник Агрон Арифи од движењето „Подобро за Тетово“ предложи дури 12 амандмани на новиот ценовник, но мнозинството не прифати ниту еден од нив.
„Моите амандмани не се прифатија, се прифатија амандманите од мнозинството. Нашиот предлог беше да има фиксна цена за домаќинствата за куќите од 600 денари на цела територија на општина Тетово и 300 денари за сите станови. Исто така баравме да се покачи цената за казината и обложувалниците, нашиот предлог беше 21 денар по метар квадратен но, се прифати амандманот на мнозинството со кој овие објекти сега ќе плаќаат само 15 денари по метар квадратен“, рече Агрон Арифи од „Подобро за Тетово“.
Против поскапувањето на сметките за собирање и транспорт на комуналниот отпад беа и советниците од опозицијата од Левица, СДСМ и ДУИ.
З. АНДОНОВ



