ЗА 27 ДЕНА ОКОЛУ ЈАДРАН НА ДВЕ ТРКАЛА, ВЕЛЕШАНИТЕ ТАХОВ И МИРОВ ИЗВОЗЕА 2.700 КИЛОМЕТРИ

    ЗА 27 ДЕНА ОКОЛУ ЈАДРАН НА ДВЕ ТРКАЛА, ВЕЛЕШАНИТЕ ТАХОВ И МИРОВ ИЗВОЗЕА 2.700 КИЛОМЕТРИКоста и Баже Започнаа од Велес, преку Струга и Ќафасан, низ Албанија, преку Елбасан и Драч, од каде што со траект отпатуваа до Бари во Италија. (Фото: СДК.МК)

    За 27 дена, велешаните Коста Тахов и Баже Миров извозеа 2.700 километри со велосипед, на тура околу Јадранот, како што самите ја нарекоа. Минаа низ десетина поголеми градови во седум држави. Возеа гравел-велосипеди. Ново животно искуство, нова авантура, ново доживување. Тргнаа од Велес на 17 септември во 6 часот, а кругот го затворија повторно во Велес на 14 октомври во 16 часот.

    „Секогаш е предизвик да се одлучи каде може да се вози, каде да се отпатува, која тура да се извози и кое интересно место да се посети. Поинтересни се кружните тури бидејќи не се вози по истиот пат, по истата делница. Луѓето со кои досега сум возел имаа некои свои обврски, па случајно со Баже паднавме на муабет. Тој е понов бајкер и така, пред повеќе од една година, се роди идејата за возењето околу Јадранот. Психофизичките подготовки се поважни отколку само физичките. Мислевме турата да ја направиме напролет, но на крајот се случи наесен“, вели Тахов.

    Започнаа од Велес, преку Струга и Ќафасан, низ Албанија, преку Елбасан и Драч, од каде што со траект отпатуваа до Бари во Италија.

    „Од Албанија до Италија преминавме со траект. Преку Јадран немаше педалинки со кои би можеле да го поминеме тој дел, па моравме со брод“, објаснува Коста.

    Во Италија минаа низ поголеми градови како Фоџа, Анкона, Венеција и Трст.

    „Во Италија наидовме на патишта во изградба, лоши и со дупки. Возиш, наидуваш на крај на патот, нема мост, па мораш да се вратиш назад и да бараш нов пат“, објаснува Коста.

    Во Италија престојуваа кај други велосипедисти, со кои стапиле во контакт преку интернет. Посебно искуство беше Венеција, каде што го разгледаа стариот дел на градот. Во старото градско јадро не е дозволено со велосипед, па Венеција ја прошетаа пеш.

    Од Италија продолжија кон Словенија, каде што минаа низ Копер и Изола, а возеа и по дел од познатата велосипедска патека „Парензана“. Потоа влегоа во Хрватска, каде што трасата ги водеше низ Умаг, Пореч и Пула.

    Во Пула го прославиле 21. роденден на Баже. (Фото: СДК.МК)

    Таму го одбележаа и роденденот на Баже, кој за време на патувањето наполни 21 година.

    „За време на овие 27 дена никаде не минавме по ист пат. Тргнав со 20 години, а се вратив со 21. По пат ми беше роденденот, на 3 октомври. Случајно го прославивме на 4 октомври во Пула. Бевме на гости кај велешанецот Андреј, кој ни обезбеди престој и ме изненадија кога неговиот син ми донесе торта со свеќички. Возењето беше уживање, немаше проблеми. Сакавме да ги видиме сите овие убавини што ни беа планирани и навистина ги видовме. Не бркавме бројки“, раскажува Баже.

    Од Пула продолжија со катамаран до Задар, избегнувајќи ја тешката крајбрежна делница покрај планината Велебит.

    „Од Пула до Задар пловевме со катамаран. Патот од Риека до Задар минува покрај планината Велебит, а тој дел е тежок за возење. Условите се сурови и не се знае кога може да дувне бура, па овој дел е ризичен. Единствено убаво е што од височините можеш да го видиш морето и островите, но тоа е сè. Од едната страна е планината, а од другата морето, па нема каде да се постави шатор. Затоа решивме да пловиме“, објаснува Коста.

    Низ јужниот дел на Јадранот, од Задар продолжија низ Шибеник и Сплит, а потоа преку Неум, во Босна и Херцеговина, стигнаа до Дубровник. Продолжија во Црна Гора, минувајќи низ Херцег Нови, Котор, Будва и Бар, од каде што повторно влегоа во Албанија. За време на патувањето ја забележаа и разликата во сообраќајната култура и дисциплината на возачите во земјите низ кои минуваа.

    „Во Италија возачите покажуваа огромно внимание при разминувањето. Секој чека да помине возилото од спротивната страна, па дури потоа да нè претекне. Исто беше и во Словенија. Во Хрватска – ужас! Возиме, а покрај нас се разминуваат два камиона. Прашината од нив ја бришеа со нашето рамо. Колку повеќе одевме на југ, толку полошо стануваше“, додава Тахов.

    Тргнаа од Велес на 17 септември во 6 часот, а кругот го затворија повторно во Велес на 14 октомври во 16 часот. (Фото: СДК.МК)

    Од Црна Гора продолжија низ Албанија, преку Скадар, кон Дебар, а потоа се вратија во Велес, Македонија.

    „Албанските возачи нè изненадија. Возат брзо, но се внимателни кон нас, велосипедистите, и нè почитуваат. А во Македонија е како во Хрватска – воопшто не нè забележуваат кога возиме“, раскажува Баже.

    Времето во најголем дел им одеше во прилог, но последниот дел од патувањето низ Македонија беше особено тежок.

    „Времето нè послужи, освен на крајот од турата, во Македонија. Кога влеговме преку Маврово, температурата падна на нула степени. Удолницата долга 17 км до Гостивар ја возевме во многу лоши услови, а потоа нè фати дожд, кој нè следеше до Скопје. Шеесет километри возевме додека врнеше дожд, проследен со студен ветер. Бидејќи споредниот пат од Гостивар до Тетово е ископан, возевме по автопатот. Кога се појавивме со велосипедите на наплатната рампа, вработените нè гледаа зачудено, како првпат да гледаат такво нешто“, рече Тахов.

    За Баже и Коста, секоја велосипедска тура носи нови искуства, дури и кога се посетува веќе познато место.

    „Секое возење е ново доживување, дури и кога се оди до истата дестинација. Се случуваат нови работи и непредвидени ситуации“, додава Коста, нагласувајќи дека човек може повеќепати да посети исто место, но секое патување остава поинаков впечаток.

    Баже, пак, веќе размислува за следната дестинација – Истанбул. Досега има извозено две големи тури со Коста: едната до Неа Каликратија во Грција (554 км), а втората низ Источна Македонија (453 км).

    Деновиве ги средуваат впечатоците од безмалку едномесечната тура околу Јадранското Море, полни со спомени што треба да се споделат, но и со планови за нови авантури и патувања.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира