ЗА 30 ДЕНА ПРОДОЛЖЕН ПРИТВОРОТ ЗА БИТОЛЧАНЕЦОТ КОЈ ЈА ПРЕТЕПА ДЕВОЈКА СИ, ПА ПОБЕГНА НИЗ ПРОЗОРЕЦ ВО ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА

ЗА 30 ДЕНА ПРОДОЛЖЕН ПРИТВОРОТ ЗА БИТОЛЧАНЕЦОТ КОЈ ЈА ПРЕТЕПА ДЕВОЈКА СИ, ПА ПОБЕГНА НИЗ ПРОЗОРЕЦ ВО ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦАОд Судот во Битола соопштија дека на обвинетиот притворот му е продолжен од 20 ноември до 20 декември 2026 поради постоење опасност од бегство. (Фото: СДК.МК)

Основниот суд од Битола го усвои предлогот од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола и му го продолжи притворот за уште 30 дена на 24-годишниот битолчанец К. У. кој на 10 ноември во својот дом телесно ја повредил девојката давејќи ја и удирајќи ја со шлаканици и тупаници.

Од Судот во Битола за САКАМДАКАЖАМ.МК соопштија дека на обвинетиот притворот му е продолжен од 20 ноември до 20 декември 2026 поради постоење опасност од бегство.

Претходно ОЈО Битола поведе постапка против К. У. за кривичното дело Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Тој на 10 ноември ја нападнал партнерката, 21-годишна битолчанка, а откако таа го пријави тој дојде во полициска станица, па побегна низ прозорецот. По осомничениот се трагаше пет дена, а дури  на16 ноември во присуство на својот бранител дојде да се предаде во полициската станица и беше уапсен, по што му беше изречена мерка притвор од 8 дена.

Обвинителството соопшти дека осомничениот, на 10 ноември во неговиот дом телесно ја повредил неговата девојка. По расправија започнал да ја дави и со тупаници и шлаканици ја удирал по главата и телото. Јавниот обвинител до Судот достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, особено имајќи го предвид фактот дека тој, откако дознал дека е пријавен, избегал од полициска станица преку прозорец. Ова, според јавниот обвинител, укажува на неговата решеност да го избегне кривичниот прогон, што претставува ризик за непречено водење на постапката.

Обвинетиот, според изјавите на семејството, подолго време ја тепал, малтретирал и ѝ се заканувал на девојката која му ја раскинала врската.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира