ЗА 35 ОТСТО ПОСКАПЕ ПРЕСТОЈОТ ВО ГРАДИНКА ВО КУМАНОВО

    ЗА 35 ОТСТО ПОСКАПЕ ПРЕСТОЈОТ ВО ГРАДИНКА ВО КУМАНОВОНаместо 1.490 денари за целодневен престој за дете до 6-годишна возраст, отсега ќе се плаќа 2.011 денари. (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Куманова даде поддршка на предлогот на Управниот одбор на градинката „Ангел Шајче“ цената за престој да се зголеми за 35 отсто. Наместо 1.490 денари за целодневен престој за дете до 6-годишна возраст, отсега ќе се плаќа 2.011 денари.

    „Трендот на поскапување на трошоците за живот и цените на речиси сите производи (енергетски, комунални, прехранбени производи, пијалоци и сл.) се дел од причините и факторите што најмногу влијаат врз зголемувањето на цената за престој во градинка“, се наведува во образложението на одборот.

    Раководителот на Секторот за социјална заштита во Општина Куманово Александар Крстевски, кој ја образложи прелог-одлуката пред советниците, кажа дека цената не е променета од 2004 година, иако Владата во 2022 година дала одобрение советите да ги корегираат цените.

    „Ова е со цел да се подобрат условите за престој во градинките, да се зголеми квалитетот на услугата и одржливоста во работењето. Ќе земам само еден пример, минималната плата во 2004 година изнесуваше 5.000 денари, а во 2025 година 25.000 денари“, кажа Крстевски.

    Зголемување на цените ќе има и на услугите што градинката ги дава за децата кои посетуваат дневен престој во училиштата. Па така, цената од 599 денари за престој со ужина ќе се зголеми на 808,65 денари, додека досегашните 806 денари за престој со комбиниран оброк понатаму ќе изнесува 1.088 денари.

    Предлогот за зголемување на цената на услугата беше прифетен со 23 гласови за и 6 против, без ниту една дискусија од советниците.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира