ЗА 4 МЕСЕЦИ ФАТЕНИ ПЕТМИНА СО НЕЛЕГАЛНО ОРУЖЈЕ И АРСЕНАЛ ВО ПОЛОШКИОТ РЕГИОН, ЛАНИ ФАТЕНИ 22 ЛИЦА

    ЗА 4 МЕСЕЦИ ФАТЕНИ ПЕТМИНА СО НЕЛЕГАЛНО ОРУЖЈЕ И АРСЕНАЛ ВО ПОЛОШКИОТ РЕГИОН, ЛАНИ ФАТЕНИ 22 ЛИЦАКај петмината биле пронајдени и одземени вкупно 3 пиштоли, 1 ловечка пушка, 1 рачна бомба и 373 куршуми од различен калибар, 1 револвер, 2 полуавтоматски пушки, 1 ловна пушка, 2 рамки и 1 топовски удар, вели СВР Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Иако нема официјални податоци колку нелегално оружје има во Полошкиот Регион, од активноста на полицијата и од количината откриено нелегално оружје може да се каже дека има многу. Лани, 22 лица биле фатени со нелегално оружје, а изминатите 4 месеци од годинава фатени се 5 лица.

    „Во изминатите четири месеци од годинава, регистрирани се 6 вакви кривични дела, во кои биле инволвирани 5 лица, кои биле опфатени со 3 кривични пријави. Кај нив биле пронајдени и одземени: 3 пиштоли, 1 ловечка пушка, 1 рачна бомба и 373 куршуми од различен калибар, 1 револвер, 2 полуавтоматски пушки, 1 ловна пушка, 2 рамки и 1 топовски удар“, вели портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

    Состојбата во 2022 година е исто така загрижувачка, бидејќи исто така е пронајдена голема количина нелегално оружје.

    „Во 2022 година на подрачјето на СВР Тетово кое ги опфаќа регионите на Тетово и Гостивар, вкупно регистрирани се 16 кривични дела Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, казниво по член 396 од Кривичниот законик. Во нив биле инволвирани 22 лица кои биле опфатени со 13 кривични пријави. Во овие кривични дела биле пронајдени и одземени: 2 пиштоли, 2 автоматски пушки, 2 ловечки пушки, 1 автоматски пиштол, 1 револвер, 1 сигнален пиштол 432 парчиња муниција, 9 патрони за ловечка пушка, 4 рамки, 8.845 петарди и 159 огномети.

    Освен огнено оружје, тетовската полиција пронашла и ножеви, боксирачи, безбол палки, гасни пиштоли и така натаму. Без сопственик се пронајдени и одземени 2 гранати.

    Според податоците на МВР, во државата легално се регистрирани околу 180.000 парчиња оружје, а согласно законските одредби предвидено е со една дозвола за оружје да се регистрираат најмногу 10 парчиња оружје. Од полицијата за МИА велат дека уште е во тек постапката за пререгистрација на оружјето од стари во нови дозволи, што треба да заврши заклучно со 4 јуни годинава.

    „По истекот на овој рок, односно по извршената замена на старите дозволи, ќе имаме поконкретни податоци за вкупно регистрираното оружје на територијата на нашата држава. Согласно одредбите од Законот за оружјето, одобрение за набавување на оружје на физичко лице се издава со наполнети 18 години живот, по исклучок одобрение за набавување на кусо огнено оружје со жлебена цевка и долго огнено оружје со жлебена цевка на физичкото лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање ако физичкото лице има наполнето 25 години живот, освен ако лицето не е активен член на стрелачко друштво подолго од две години“, велат од МВР.

    Во текот на 2021 издадени се вкупно 5.719 дозволи за оружје за физички лица, во текот на 2022 вкупно 5.969 дозволи за оружје, а во текот на 2023 издадени се 2.125 дозволи за оружје.

    Меѓутоа, во овој број на дозволи, според полицијата, не влегуваат само новорегистрираните парчиња оружје, туку и пререгистрираното оружје. Во текот на 2021 издадени се 3.365 одобренија за набавување оружје, во текот на 2022 издадени се 2.480 одобренија, а од почетокот на 2023 гдо денес донесени се 1.697 одобренија.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира