Советот на Општина Велес ги изгласа новите цени на градскиот и општинскиот автобуски јавен превоз, кои се повисоки за 40 отсто од претходните. Тоа се однесува на девет автобуски линии. Гласањето и дискусијата беа тензични со многу забелешки, реплики, навреди и во непријатна атмосфера, со чести паузи за да се смири состојбата во салата.
Сите нови цени беа прифатени од мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ со 11 гласа за и 10 против. Опозициската СДСМ на сите точки имаше амандман за бесплатен превоз во период од три дена, на сите линии, и тоа во вторник, петок и недела. Парите за ова би биле префрлени од ставката времени вработувања.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли. Советникот Драган Димески од ПОДЕМ кажа дека сите амандмани биле со идентичен текст и вредност од 200 илјади денари со цел популизам и немале правна издржаност. Пандорка Прличкова од СДСМ рече дека се предложени за да им помогне на граѓаните во овој период на економска криза, но и за заштита на животната средина, повеќе да се користи градскиот превоз.
Советникот од Левица Игор Смилев го актуелизираше прашањето со бројот на градски линии во Велес.
„На дневен ред ни се две точки, за повисоки цени на две градски линии. Едната е од месноста Долни дуќани до населба Превалец, а втората е од автобуска до железничка станица, кои ги одржува фирмата „Пан-промет“. Тоа е така на хартија, во пракса имаме една автобуска линија, која почнува од зградата на стара Малина, кај Стар мост, преку железничка до населба Превалец. Како ќе постапиме во случајот, кога одлуки ќе носиме одлуки за линии кои не постојат“, праша Смилев.
Но одговор не доби, никој од стручните служби на Општината не одговори. Претставникот на фирмата „Пан промет“ која ја одржува линијата не беше присутен, откако тој и колегите заминаа по долгите расправии и реплики за амандманите по точките од дневен ред за автобуските линии. За нивното отсуство реагираше и советникот Марјан Николов, кој ја постави дилемата како е можно до две населени места, Мамутчево и Иванковци, села кои се на 15 до 17 км од Велес, да се плаќа месечен билет од 4.500 и 5.000, исто колку од Велес до Скопје.
Претседателот на Советот Зоран Љутков даде одговор зошто се чекало шест месеци овие точки да се стават на гласање, иако биле поднесени во средината на март.
„Сакавме сите превозници да ги достават своите барања. Откако се поднесени барањата, договаравме неколку пати да имаме состаноци со нив. Средбата со превозниците и со таксистите беше пред 15 дена, кога ги комплетиравме барањата. По што, сите нив ги ставиме на дневен ред на оваа седница“, рече Љутков.
П. ПЕЧКОВ