ЗА 6 СЕПТЕМВРИ ЗАКАЖАНО СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ СО 14 ЖРТВИ ВО МОНТАЖНАТА КОВИД БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО

    ЗА 6 СЕПТЕМВРИ ЗАКАЖАНО СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ СО 14 ЖРТВИ ВО МОНТАЖНАТА КОВИД БОЛНИЦА ВО ТЕТОВООбвинети во предметот се поранешниот в.д. директор на Тетовската болница Флорин Бесими, поранешниот економски директор на болницата Артан Етеми, и доктор од болницата. Двајцата директори поднесоа оставки два дена по пожарот. (Фото: СДК.МК)

    Судењето за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово e закажано за 6 септември во 10 часот кај судијата Јордан Велковски, според објавата на интернет страницата на Основен суд Тетово. Судењето за предметот К бр 450/22 е закажано откако на 16 август предметот за модуларната болница согласно Информациски систем за автоматско управување со судски предмети (АКМИС) беше распределен кај судија. По разгледување на обвинителниот предлог судијата сега го започнува судењето.

    Обвинети во предметот се поранешниот в. д. директор на Тетовската болница Флорин Бесими, поранешниот економски директор на болницата Артан Етеми, и доктор од болницата. Двајцата директори поднесоа оставки два дена по пожарот.

    „Со предметот поврзан со модуларната болница во Тетово по поднесен обвинителен предлог од страна на ОЈО Тетово со бр. КО 531/22 со кој се обвинети Ф. Б. и А. Е. за кривично дело тешки дела против општата сигурност и Б. В. за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, додека правно лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија е распределен кај судија од Кривичниот оддел со предмет К бр. 450/22, соопштија од Судот на 16 август.

    Пожарот во модуларната ковид болница која се наоѓаше во кругот на Клиничката болница во Тетово се случи на 8 септември минатата година. Во огнената стихија која за неколку минути до темел го изгоре објектот, загинаа 14 лица, а повеќе беа тешко повредени. По повеќемесечна истрага, во која беа вклучени и форензичари од Германија, Основното јавно обвинителство од Тетово на 27 јули до надлежниот Суд поднесе обвинителен предлог против три физички и едно правно лице.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира