ЗА 80 ОТСТО ПОСКАПЕ ПАРКИРАЊЕТО ВО КАТНИТЕ ГАРАЖИ НА ПУИГ ВО СКОПЈЕ

    ЗА 80 ОТСТО ПОСКАПЕ ПАРКИРАЊЕТО ВО КАТНИТЕ ГАРАЖИ НА ПУИГ ВО СКОПЈЕМесечните картички за паркирање во катните гаражи „Разловечко Востание“, „Кресненско Востание“ и „Солунски Конгрес“ кои досега беа 1.000 денари поскапуваат речиси 80 отсто, односно новата цена е 1.770 денари (Фото: СДК.МК)

    Поскапе паркирањето во трите катни гаражи во Скопје со кои стопанисува АД за стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП/поранешен ПУИГ). Месечните картички за паркирање во катните гаражи „Разловечко Востание“, „Кресненско Востание“ и „Солунски Конгрес“ кои досега беа 1.000 денари поскапуваат речиси 80 отсто односно новата цена е 1.770 денари. Цената пак за годишно паркирање сега изнесува 14.160 денари, а претходно беше 10.000 денари.

    Од АД за станбен и деловен простор велат дека поскапувањето е направено бидејќи досегашните цени биле ниски и економски неисплатливи.

    „Покачувањето се однесува само на физички лица, а новиот износ е повторно понизок од оној за правни лица кој останува непроменет и кој е 2.000 денари месечно. Досегашните цени беа економски неисплатливи бидејќи со нив беше невозможно да се покрие и минималниот степен на одржување на катните гаражи. Станува збор за модерни паркинзи кои подразбираат редовно и навремено одржување на сите нивни елементи како паркинг менаџмент систем, одржување на лифтови, системи за вентилација, противпожарен систем“, велат од АДССДП.

    Од таму додаваат дека новите цени всушност се речиси исти како во 2014, кога катните гаражи „Солунски конгрес“ и „Разловечко востание“ беа пуштени. Тогаш месечната цена за физички лица била 2. 000 денари, а на годишно ниво 20.000 денари.

    „Цените се намалени само една година подоцна, нереално, од популистички причини. Се надеваме на разбирање од страна на нашите корисници. Дури и со овие цени нашиот паркинг е најевтин во градот“, велат од АД за стопанисување со станбен и деловен простор.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира