ЗА ДА НЕ ГИ БОЦКАМЕ 10 ПАТИ ДНЕВНО, ДРЖАВАТА ДА ОБЕЗБЕДИ СЕНЗОРИ, БАРААТ РОДИТЕЛИТЕ НА ДЕЦА СО ДИЈАБЕТЕС

    ЗА ДА НЕ ГИ БОЦКАМЕ 10 ПАТИ ДНЕВНО, ДРЖАВАТА ДА ОБЕЗБЕДИ СЕНЗОРИ, БАРААТ РОДИТЕЛИТЕ НА ДЕЦА СО ДИЈАБЕТЕСЗдруженијата на родители на деца со дијабетес велат дека Македонија во однос на терапијата не каска зад европските земји, но овие сензори ги нема во државата (Фото: СДК.МК)

    Родителите на деца со дијабетес 1 бараат државата да обезбеди сензори за континуирано мерење на шеќерот во крвта. Таквите помагала се за децата да имаат опуштено детство наместо да се боцкаат во еден ден над десет пати поради контрола на шеќерот и апликација на терапијата. Велат дека во последните години во однос на терапијата не каскаат зад европските земји, но дека е неопходно да се набават сензори кои ги нема во државата.

    „Нивната цена е релативно висока, околу 120 евра месечно, тоа не е сума за потценување. Го набавуваме од други држави, во Македонија нема ни достава. Секој се снаоѓа како може, а тука не може ни да се порачаат. Со такви помагала ќе се намали стресот кај децата зашто ќе се намали боцкањето“, рече Марија Кожинковска, претседателката на Здружението на родители на деца со дијабетес 1 од Битола.

    На трибината одржана во Битола по повод Денот на борбата против дијабетесот, асоцијацијата „Баланс МК“ обезбеди сензори за најмладиот пациент во градот, дете на тригодишна возраст.

    „Бараме да се направи и регистар на деца со дијабетес. Во Македонија околу 500 дечиња живеат со оваа состојба и оваа бројка е соопштена од Одделот за ендокринологија при Детската клиника во Скопје“, рече Наташа Деспотовска-Димитриевска, претседателката на „Баланс МК“.

    Родителите на децата со дијабетес од Битола бараат да се обезбеди и педијатар ендокринолог во Битола, зашто за терапија и промена на инсулинската доза патуваат до Скопје.

    Градоначалничката Наташа Петровска вети поддршка и дека сите нивни барања ќе ги пренесе до Министерството за здравство.

    Во земјава има и новороденчиња со дијабетес. На трибината зборуваше и Ели Секуловска, која од мала се соочила со дијабетесот и веќе 30 години живее со него.

    „Ме прашуваат како е да се живее 30 години со дијабетес тип 1. Велам, нормално, како и сите останати луѓе, само што јас успеав да наметнам строга дисциплина во исхраната и контрола на стресот, кој е најголемиот непријател на дијабетесот. Како инженер сум работела и на градилишта рамо до рамо со мажите“, рече Секуловска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари