ЗА ДИРЕКТОР НА МКЦ КОНКУРИРАЛЕ БЕНИ ШАЌИРИ, ВЛАДИМИР СТОЈЧЕСКИ И НИКОЛА МАДИЌ, СОПРУГ НА ЗАМЕНИЧКАТА-МИНИСТЕР ЗА ПРАВДА

    ЗА ДИРЕКТОР НА МКЦ КОНКУРИРАЛЕ БЕНИ ШАЌИРИ, ВЛАДИМИР СТОЈЧЕСКИ И НИКОЛА МАДИЌ, СОПРУГ НА ЗАМЕНИЧКАТА-МИНИСТЕР ЗА ПРАВДАБени Шаќири на локални избори во 2021 беше кандидат за градоначалник на Скопје на ДОМ и ЛДП. (Фото: СДК.МК)

    Три пријави стигнале на конкурсот кој го објави Младинскиот културен центар (МКЦ) за избор на директор на институцијата. Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори на Управниот одбор на МКЦ, кандидатури поднеле музичарот Бени Шаќири, дипломиран продуцент и филмски работник Никола Мадиќ, кој е сопруг на заменичката-министер за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, и Владимир Стојчевски, дипломиран продуцент и професор, магистер по менаџмент на јавни установи.

    Според процедурата, Управниот одбор на МКЦ ги доставува апликациите од кандидатите до градоначалникот на Град Скопје, со тоа што предлага кандидати кои според критериумите се соодветни за позицијата за која аплицираат. Условите, покрај високото образование во областа на хуманистичките науки, се и 5-годишно работно искуство во областа на културата.

    Во конкретниот случај, биле предложени сите тројца кандидати и сега градоначалничката Данела Арсовска треба да одлучи кој од нив ќе биде нов директор.

    Првиот конкурс за избор на директорската позиција распишан кон крајот на септември годинава немаше никаква разврска, ниту беше поништен од Градот Скопје, а потоа во ноември се распиша повторен конкурс за истата функција.

    Во моментов, в. д. директор на МКЦ е Никола Алексов, дипломиран детектив, кој беше поставен на функцијата во јануари откако Арсовска го разреши Ванчо Богоев. Тогаш од Програмскиот совет на МКЦ рекоа дека Богоев, кој 36 години е дел од институцијата, е сменет бидејќи не сакал да го вработи пејачот Бени Шаќири, кој на последните локални избори беше кандидат за градоначалник на Скопје на ДОМ и ЛДП. Од МКЦ велат дека генералниот секретар на Градот Зоран Глигоров вршел екстремни притисоци да се потпише вработување на Шаќири.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира