ЗА ДОГРАДБА НА  КИНО „МАНАКИ“ ГОДИНАВА НЕМА ПАРИ

    ЗА ДОГРАДБА НА  КИНО „МАНАКИ“ ГОДИНАВА НЕМА ПАРИКиното „Манаки“ во Битола пред пет години почна да го гради ексградоначалникот Владимир Талески, но не го догради (Фото: СДК.МК)

    Годинава нема да се издвојат пари од државниот буџет за киното „Манаки“ во Битола,  кое пред пет години почна да го гради ексградоначалникот на Битола Владимир Талески, но не го догради. Во изминатите пет години беа потрошени неколку стотици илјади евра, но објектот само се изгради, а внатре остана неопремен.

    Киното го нема во Годишната програмата на Министерството за култура. При една од последните посети на министерот за култура Роберт Алаѓозовски на Битола, тој беше запашан дали се планира да се доврши киното „Манаки“ на Широк Сокак. Министерот одговори дека ќе се делува онаму каде што состојбата е најургентна, врз Офицерскиот дом.

    Битолачани оставаат отпечаток од прстите во стиропорот на фасадата, па сега тој е издлабен, а се врти шега „не си битолчанец ако не оставиш отпечаток на ‘Манаки’ “ (Фото: СДК.МК)

    „Не е разговарано за тоа. Владата го одобри буџетот за Офицерскиот дом, најургентно беше да се направи план како понатаму да се оди со она што беше најургентно во однос на Офицерсиот дом“, рече Алаѓозовски.

    Киното почна да се гради во 2013, а Талески вети дека ќе го догради до крајот на својот мандат. Но, остана да го довршува новата државна и локална власт. Во иднина останува да се набави мебел, кино техника и друга опрема. Покрај ова, ќе треба да се одржува и екстериерот, зашто украсните орнаменти на објектот од 400 метри квадратни се изработени од стиропор и постојано се ронат и оштетуваат. Битолачани во меѓувреме се стекнаа со лоша навика да оставаат отпечаток од прстите во стиропорот. Така, сега тој е издлабен, а меѓу граѓаните се врти шега „не си битолчанец ако не оставиш отпечаток на ‘Манаки’ “.

    На локацијата каде се гради киното, во 1923 постоеше старо кино во кое браќата Манаки прикажуваа филмови сѐ до големиот пожар во 1939.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира