ЗА ДВА ДЕНА ВО СВЕТИ НИКОЛЕ 35 НОВИ СЛУЧАИ НА КОВИД-19, ДЕЛ ОД НИВ СЕ ПРИМААТ ВО ВЕЛЕШКАТА БОЛНИЦА, ОТИ ШТИПСКАТА Е ПОЛНА

    ЗА ДВА ДЕНА ВО СВЕТИ НИКОЛЕ 35 НОВИ СЛУЧАИ НА КОВИД-19, ДЕЛ ОД НИВ СЕ ПРИМААТ ВО ВЕЛЕШКАТА БОЛНИЦА, ОТИ ШТИПСКАТА Е ПОЛНАНа Инфективното одделение во болницата во Велес хоспитализирани се 18 лица, а капацитетот е за 30. (Фото: СДК.МК)

    По вчерашните 27 лица позитивни со ковид-19, денес во Свети Николе има осум новозаразени. Со нив,  бројката на активни случаи во градот со коронавирус се искачи на 142 за една недела.

    „Сите нови случаи се лица вработени во модната конфекција или членови на семејствата. Новите случаи се од 630-те вработени во конфекцијата, кои сите беа тестирани по барање на менаџментот“, велат од Центарот за Јавно здравје Велес, подрачна единица Свети Николе.

    Раководството минатата седмица ја затвори конфекцијата и таа сѐ уште не работи. Од завчера, дел од пациентите од Свети Николе заразени со ковид-19 почна да ги прифаќа Инфективното одделение од Велешката болница, оти слободни места на Инфективна клиника во Штип повеќе нема.

    „На Инфективното одделение во болницата во Велес имаше шест пациенти од Свети Николе и околината, пет од нив се позитивни, за едно лице кое има симптоми се чекаат резултати. Така, на Одделението сега има сместено 18 лица, од нив 16 се потврдено позитивни“, кажа д-р Весна Николовска-Неделкова, портпаролка на Општа Болница Велес.

    Инфективното одделение во Велес има капацитет од 30 кревети. Две од пациентките од Свети Николе, кои биле хоспитализирани на ова одделение во вторникот, со писмена изјава побарале да си заминат дома и биле пуштени на домашно лекување.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира