За една недела е избркан од работа и втор вработен во обезбедувањето на Град Скопје. Даниел Давитковски, кој работи во Градот 18 години, вели дека е избркан без никаква причина односно поради самоволието на секретарот Зоран Глигоров. Во решението за отказ на кое е потпишана градоначалничката Данела Арсовска, а го добил од службата за човечки ресурси, стои дека му престанува работниот однос бидејќи во текот на работата сторил дејствие кое има обележје на кривично дело. Давитковски тврди дека тоа се лаги и заедно со десетина други вработени во обезбедување на Градот одржаа прес-конференција, на која го обвинија Глигоров дека им врши мобинг, ги малтретира и навредува, а ако некој постапи спротивно од неговите наредби му се заканува со бркање од работа.
„Нека излезе Глигоров и нека каже какво кривично дело сум сторил. Јас немам никакво досие во полиција, ниту пак е покрената некаква постапка против мене во Градот. Избркан сум затоа што дадов изјава во полиција за инцидентот меѓу Глигоров и колегата Елвис Симоновски, кој минатата недела беше избркан од работа. На секретарот не му се допаѓала мојата изјава, односно не била во негова корист и затоа сум избркан од работа. Ова е скандал, оставен сум без никаква причина без работа, а дома имам две малолетни деца. 18 години работам во Градот, поминале 4 градоначалници и луѓе во нивните кабинети, вакво нешто немало. Глигоров се изживува со нас, ги малтретира вработените, врши мобинг, им се заканува со бркање од работа. Сите се плашат да му се спротивстават бидејќи знаат дека не почитува никакви процедури и закони, и дека ќе ги избрка од работа, како што е случајот со мене и Елвис“, вели Давитковски.
Давитковски најави тужба, бидејќи нема основа да биде избркан од работното место.
Секретарот Глигоров не одговараше на нашите телефонски повици. Му испративме и порака со прашања зошто Давитковски е избркан од работа и дали се точни обвинувањата за мобинг, самоволие и закани кон вработените. Одговор не добивме.
Минатата недела избркан од работа беше и Елвис Симоновски, исто така дел од обезбедувањето на Градот. На отказот му претходеше кавга меѓу него и Глигоров, со навреди, викање, удари по маса, по што беше повикана и полиција.
А. АНТЕВСКА