ЗА МЕСЕЦ И ПОЛОВИНА ОД КАМПАЊАТА „СИТЕ СМЕ ПЕШАЦИ“ НЕМА ЗАГИНАТ ПЕШАК ВО МАКЕДОНИЈА

    ЗА МЕСЕЦ И ПОЛОВИНА ОД КАМПАЊАТА „СИТЕ СМЕ ПЕШАЦИ“ НЕМА ЗАГИНАТ ПЕШАК ВО МАКЕДОНИЈАЦелта на кампањата е подигнување на сообраќајната култура на сите учесници во сообраќајот (Фото: СДК.МК)

    Кампањата за безбедност на пешаците во сообраќајот дава резултати, посочија нејзините организатори. Месец и половина не е регистрирана сообраќајка во која загинал пешак, беше кажано при денешната сообраќајна акциска контрола во Велес.

    Кампањата дава резултати. Ја започнавме на почетокот на април и оттогаш до денес нема загинат пешак во сообраќајот. Тоа беше наша основна цел и тоа е најголемиот успех. Со добро осмислени кампањи може да се влијае на почитувањето на сообраќајните правила и прописи“, кажа Никола Дујоски, декан на Факултетот за безбедност во Скопје.

    Тие ја реализираат кампањата „Сите сме пешаци“ заедно со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и МВР.

    Целта на оваа кампања е подигнување на сообраќајната култура на сите учесници во сообраќајот. Ова посебно се однесува на пешаците, кои треба да сфатат дека се рамноправни и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи“, изјави Гордана Кожуваровска, претседателката на РСБСП.

    Истовремено се води уште една кампања, за учесниците на матурските забави.

    Порака до матурантите и нивните семејства: возете внимателно, да не ја засениме забавата со немили настани“, изјави Тони Ангеловски, портпаролот на МВР.

    Овој април имаше четири жртви на македонските патишта, додела лани во истиот месец загинаа 12 лица. Во првите четири месеци од 2022 има 26 жртви во сообраќајките, за разлика од 40 во првите четири месеци лани, кога имаше најмалку жртви во сообраќајот во последните 15 години.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира