Најмалку за една третина зголемени се дневните количества кислород што се трошат во Клиничката болница во Битола, со оглед дека е зголемен бројот на хоспитализирани пацинети со ковид-19. Директорката Билјана Гагачовска соопшти дека дневно се користат и по 1,5 тони кислород, а пред да се зголемат бројките трошеле од 600 литри до еден тон дневно. Таа вели дека оваа потрошувачка не предизвикува проблем зашто имаат залихи.
До утрово хоспитализирани беа 117 пациенти, повеќето во тешка здравствена состојба. За едно деноноќие биле примени девет нови пацинети, 14 испишани. Немало починати во текот на ноќта, за разлика од вчера кога Битола го забележа црниот рекорд во овој трет бран од пандемијата, со шестмина починати на возраст од 59 до 88 години.
Модуларната болница е комплетно опремена, завршено е и партерното уредување и, како што изјави и министерот за здравство Венко Филипче, деновиве во секој момент може да прими пациенти ако за тоа има потреба. Ова е најголемата модуларна болница во државата со три објекти. Гагачовска, пак, кажа дека на Инфективното и Одделението за физикална медицина има уште места, а во модуларната болница располагаат со сто кревети и до сите има довод на кислород.
За здравствената состојба денес се караа локалното мнозинство и опозицијата во битолскиот Совет. Советникот од ВМРО-ДПМНЕ Иванчо Тошевски рече дека Битола ги живее едни од најцрните денови од своето постоење зашто во текот на изминатата недела имаше 555 нови случаи на ковид позитивни лица или неделен раст од 78,8 проценти во однос на претходната недела. Досега во Битола од вкупно 4.881 регистрирани ковид случаи, само во изминатите три недели се регистрирани 1.106. Тошевски побара да се одложат сите точки и да се разговара само за здравствената состојба. Но, откако тоа не беше изгласано, опозицијата ја напушти седницата.
Од локалната власт возвратија дека може да се разговара за преземање мерки кои се од јавен интерес, а не да се повикува на оставки и барање виновници со што нема да се подобри состојбата. Претседателот на Советот Валентин Груевски потсети дека Општината даде повеќе донации во борбата со ковид-19, и тоа 20.000 евра за брзи тестови, 10.000 евра за поддршка на лабораторијата во Центарот за јавно здрвје, уште 10.000 евра доанција за кислородна поддршка во Битолската болница, Општината беше вклучена и во партерното уредување околу модуларната болница, а јавните претпријатија за подготовка на теренот за нејзина изградба.
Ж. ЗДРАВКОВСКА