Од денеска, камерите на „Безбеден град“ ќе снимаат сообраќајни прекршоци и на подрачјето на СВР Охрид, односно во Охрид, Струга, Кичево и Дебар. Пред нецел месец, „Безбеден град“ почна да функционира и на подрачјето на СВР Велес.
„Од воведувањето на ‘Безбеден град‘ на подрачјето на СВР Велес на 12 септември, до 5 октомври евидентирани се 1.518 прекршоци“, велат од СВР Велес.
Овие бројки покажуваат дека за 24 дена има во просек 63 прекршоци на ден. Овој податок е за градовите Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија и за дел од автопатот од Велес до Демир Капија.
Најголем дел од казните се за брзо возење, за што се регистрирани 1.214 прекршоци, по што следуваат за минување на црвено светло – 290 прекршоци и за управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола – 14 прекршоци.
На промоцијата на почетокот на работата на системот „Безбеден град“ во Повардарието, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кажа дека системот е за спасување човечки животи, а не за полнење на буџетот.
П. ПЕЧКОВ



