ЗА НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ ПОТРОШЕНИ ВКУПНО 785.000 ЕВРА, НАЈСКАП ДОГОВОР ОД 81.000 ЕВРА СКЛУЧИЛА ОПШТИНА ШТИП

    ЗА НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ ПОТРОШЕНИ ВКУПНО 785.000 ЕВРА, НАЈСКАП ДОГОВОР ОД 81.000 ЕВРА СКЛУЧИЛА ОПШТИНА ШТИПОд вкупно склучените 32 договори за украсување, дури 15 се со „Линк медиа плус“ во вкупна вредност од 615.052 евра. (Фото: К. Попов)

    За новогодишно украсување во 2025 година Општините потрошиле 785 илјади евра, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Тендерски постапки за украсување во пресрет на новата 2026 година спровеле 36 Општини, а 31 од овие 36 Општини доставиле податоци за склучените договори за украсување до Бирото за јавни набавки.

    „Тендерите за новогодишно украсување се спроведувани главно без конкуренција. Просечниот број понуди по еден тендер изнесува само 1,15 што е далеку под препорачаниот минимум за обезбедување пазарна конкуренција. Притоа, во дури 27 од вкупно спроведените 32 тендерски постапки била доставена по само една понуда. Вредноста на договорите во кои била доставена по само една понуда изнесува дури 91 %. Отсуството на конкуренција ја доведува во прашање реалноста на трошоците на украсувањето“, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

    Од вкупно склучените 32 договори за украсување, дури 15 се со „Линк медиа плус“ во вкупна вредност од 615.052 евра. Повеќе од еден договор успеале да добијат уште две фирми, „Димензија 360“ од Скопје за трите Општини од југот – Валандово, Гевгелија и Дојран, како и фирмата „Грин веј“ од Битола, која освен со Општина Битола склучила договор за украсување и со Општина Ресен.

    Останатите 12 фирми кои имаат склучено договор за новогодишно украсување се носители на по само еден договор.

    Најмногу пари за новогодишно украсување потрошила Општина Штип склучувајќи договор со фирмата „Линк медиа плус“ од Скопје во вредност од 81.276 евра. Градот Скопје е на второ место со договор склучен со истата фирма во вредност од 69.457 евра.

    Ако кон трошоците за украсување на Градот Скопје се додадат и трошоците од другите скопски Општини (Центар, Чаир, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Карпош) произлегува дека во Скопје за украсувањето за дочек на новата година се потрошени 284.904 евра. Ова е повеќе од една третина од сите пари потрошени за украсување во земјата.

    Покрај Град Скопје и сите други 6 Општини од градот склучиле договор со фирмата „Линк медиа плус“.

    Гледано според бројот на жители произлегува дека Штип потрошил по 111 денари по жител за оваа намена, а Град Скопје 8 денари по жител.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира