ЗА ПЕТ МЕСЕЦИ КОЛЕКТОРОТ ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА ГО ЗАГАДУВА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

    ЗА ПЕТ МЕСЕЦИ КОЛЕКТОРОТ ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА ГО ЗАГАДУВА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРОЗа реконструкција на колекторскиот систем Владата обезбеди 183 милиони денари. - Охридскиот градоначалник Константин Георгиевски на почетокот на реконструкцијата на колекторот (Фото: СДК.МК)

    За пет месеци колекторскиот систем за заштита на Охридското езеро од отпадни и загадени води ќе престане да ги загадува езерските води, Последниве години, наместо да го штити езерото поради дотрајаност на системот фекалиите неретко се влеваа во него, при услови кога колекторот работеше со 20 насто од програмираниот капацитет.

    Овој рок од пет месеци го предочи премиерот Зоран Заев при вчерашното отпочнување на реконструкција на колекторскиот систем за што Владата обезбеди 183 милиони денари, најголема инвестиција од ставањето во функција на овој голем инфраструктурен објект.

    „Овој сериозен зафат го преземаме затоа што несеопфатната реализација и негрижа за одржувањето на системот за прочистување на отпадни води создадоа сериозни еколошки штети и закани за Охридското Езеро и за природните убавини и реткости во неговото опкружување. Во наредните пет месеци ќе го поправиме тоа што со години беше запуштено од негрижа и недејствување. Охридското Езеро и заштитеното подрачје опфатено со УНЕСКО се наша гордост и грижа за сите нас. Нашата намера е да покажеме дека знаеме и дека се грижиме за нашите скапоцености“, кажа премиерот Зоран Заев.

    Санација на колекторот ќе ја врши фирмата „Еко тим“ од Скопје, филијала на хрватската компанија „Инд Еко“ од Ријека што работи на санација на системи за канализациски и системи за одвод на атмосферска вода.

    „Ревитализацијата на системот ќе се врши со најсовремена технологија, со чистење на цевководот одвнатре без ископ на постојната мрежа. Ова е технологија која ние ја применуваме веќе 15 години, но ќе биде применета за прв пат во Република Северна Македонија. Предноста на оваа технологија е тоа што ќе ги изведуваме работните активности без оштетување на надземната и подземната инфраструктура“, изјави Жељко Шмитран, директор на фирмата „Еко Тим“.

    Колекторскиот систем за заштита на Охридското езеро со самопридонес на почетокот на седумдесеттите години од минатиот век го финансираа и жителите на Охрид. Издвојуваа месечно по два насто од своите примања.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира