ЗА ПОЛА ГОДИНА ВО БИТОЛА КАЗНЕТИ 2.239 ЛИЦА ЗА ПОГРЕШНО ПАРКИРАЊЕ 

    ЗА ПОЛА ГОДИНА ВО БИТОЛА КАЗНЕТИ 2.239 ЛИЦА ЗА ПОГРЕШНО ПАРКИРАЊЕ Глобите за непрописно паркирање се од 45 до 180 евра. (Фото: СДК.МК)

    Паркирање на коловозна лента, пешачки премин, зелени површини, пред паркови, пристапни рампи за лица со попреченост се најчестите непрописни паркирања кои ги евидентира полицијата во Битола. Од јануари до јули издадени се 2.239 прекршочни платни налози на возачи кои погрешно паркирале. Тоа во просек доаѓа околу 344 глоби месечно.

    Глобите за непрописно паркирање се од 45 до 180 евра.  За паркирање на пешачки премин и пет метри до него казната е 180 евра, на коловозна лента 45 евра, на тревна површина 150 евра.

    СВР Битола преку Отсекот за превенција и Полициската станица за безбедност на сообраќајот на патиштата денес во Битола, во централното градско подрачје каде што е концентриран најголем метеж, спроведе превентивна акција „Паркирај совесно –паркирај одговорно“. Во неа само беа предупредени возачите на непрописно паркираните возила. Додека траеше акцијата полицијата затекна возила паркирани на пешачки премин и на тротоар на Широк Сокак кај Камен Мост.

    „Делевме флаери за возачите со што ќе укажиме на законската обрска што ја имаат при почитување на сообраќајните правила и прописи“, рече Сања Стаматова, портпаролка на СВР Битола.

    Од полицијата апелираа возилата прописно да се паркираат за да не се попречува сообраќајот и движењето низ градот, а и возачите да не бидат изложени на трошоци со плаќање казни.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира