ЗА ТРАМВАЈОТ БЕЗ ШИНИ НЕМА ДА СЕ ПРЕКОПУВА ГРАДОТ, ЌЕ СЕ ДВИЖИ ПО ПОСЕБНА ЛЕНТА КОЈА ФИЗИЧКИ ЌЕ БИДЕ ОДВОЕНА, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    ЗА ТРАМВАЈОТ БЕЗ ШИНИ НЕМА ДА СЕ ПРЕКОПУВА ГРАДОТ, ЌЕ СЕ ДВИЖИ ПО ПОСЕБНА ЛЕНТА КОЈА ФИЗИЧКИ ЌЕ БИДЕ ОДВОЕНА, ВЕЛИ ШИЛЕГОВЗа двете релации ќе бидат потребни 60 возила, кои ќе имаат капацитет за 250 патници. Ќе бидат долги 24 метри и на секои 3-4 минути на автобуските станици ќе има возило. (Фото: Град Скопје)

    За трамвајот без шини градот нема да се прекопува и да се поставува електрична инсталација, што значи многу побрза и поевтина имплементација, вели градоначалникот Петре Шилегов откако со премиерот Зоран Заев најавија воведување на нов еколошки концепт на јавен превоз во Скопје.

    „Траклес трам“ или трамвај без шини според димензијата, големината и функционалноста е сосема ист концепт на транспорт како трамвајот вели Шилегов во разговорот за САКАМДАКАЖАМ.МК. Ќе се движи по една сообраќајна лента која ќе биде физички одвоена од другите две ленти за да нема мешање со останатиот сообраќај, со што ќе се гарантира брзина и возен ред.

    „Имајќи ја предвид финансиската состојба на Градот и на Владата направиме трансформација на трамвајскиот систем со т.н. ‘траклес трам’ или трамвај без шини. Првите две фази од трамвајот би чинеле 280 милиони евра, а според цената на пазарот на овој вид возила, не би требало да чини повеќе од 100 милиони евра. Единствена разлика во целиот концепт е што трамвајското возило има век на траење 30 години, а овие возила од 20-25 години“, вели Шилегов.

    Освен на релацијата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче која се најавуваше како траса за воведување на трамвајот, линија ќе има и од Бутел до населбата Пинтија. На првата траса нема никакви пречки за примена на новиот превоз, додека за втората потребно е проширување на улицата Цветан Димов каде сега има само две коловозни ленти.

    „Од Ѓорче Петров до Ново Лисиче имаме добра инфраструктура која може да обезбеди непречено движење на возилата. Заради поголема економичност имаме сериозна можност да се движат во крајната лева лента и во средишното зеленило да биде поставена автобуска станица за двата правци. За втората делница од Бутел до Кисела Вода ќе имаме градежни работи за проширување на улицата Цветан Димов и таму ќе се движат по крајната десна лента“, вели Шилегов.

    Тендерот за набавка на новите возила ќе биде распишан кон крајот на годинава. Според проценките би требало да заврши напролет и да се потпише договор со фирмата која ќе ги набави. Шилегов е сигурен дека до крајот на неговиот мандат новиот концепт целосно ќе биде воведен во Скопје, па дури очекува една од трасите да се реализира и кон крајот на наредната година.

    За двете релации ќе бидат потребни 60 возила, кои ќе имаат капацитет за 250 патници. Ќе бидат долги 24 метри и на секои 3-4 минути на автобуските станици ќе има возило. Возилата ќе бидат на електричен погон кој ќе го произведува водород. Согорувањето на водородот ќе произведува електрична енергија која го придвижува возилото, а нус продуктот од согорувањето е водена пареа.

    Со воведувањето на трамвајот без шини на улиците каде ќе поминува нема да возат автобуси, за што ќе биде направен комплетно нов концепт за автобуски линии.

    „Нема да постојат автобуските линии какви што се сега. Каде што минува трамвајот нема да има автобуси, туку ќе креираме линии кои ќе сообраќаат само до главните станици каде ќе минуваат новиот превоз“, вели Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира