Изминатите седум дена на инфективното одделение во Штип црниот биланс е во пораст, а само во последните три дена починале седум лица.
Според портпаролот на Клиничката болница во Штип, Марина Шуманска денеска имало два смртни случаи, по еден пациент од Штип (79г) и од Кочани (78г).. Претходните пациенти кои починаа се на слична возраст, а биле донесени во тешка состојба, по еден од Пробиштип, Кочани и од Македонска Каменица.
„Во текот на месец октомври хоспитализиравме пациенти од соседните градови кои беа донесени со тешка клиничка слика. Пациентите кои на време бараат помош поминуваат полесно и во овој период дневно оздравуваат најмалку по 4 пациенти кои се упатуваат на домашно лекување. Во дневната амбуланта на ден се вршат од 40-50 прегледи на пациенти со симптоми на ковид-19“, вели раководителот на одделението Дијана Шишкова Гајдарџиска.
Директорот на Клиничката болница Ален Георгиев вели дека во работењето на инфективното одделение се вклучени доктори и медицински сестри и од другите одделенија на Клиничката болница.
„Од педесетината хоспитализирани пациенти повеќе од 40 се на кислородна поддршка и дека нема никаков проблем со дотур на кислород.. Во реновираното инфективното одделение воведено е централизиран дотур на кислород при што дневно се трошат и до еден тон“ вели Георгиев.
Т. ЈОВАНОВСКИ