ЗА ТРИ ПАТИ СЕ НАМАЛЕНИ ПОВРШИНИТЕ ЗА ГРАДБА НА ЗГРАДИ ВО РАСАДНИК ОД ОНА ШТО СЕ ДОЗВОЛУВАШЕ СО ГУП-ОТ, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ

    ЗА ТРИ ПАТИ СЕ НАМАЛЕНИ ПОВРШИНИТЕ ЗА ГРАДБА НА ЗГРАДИ ВО РАСАДНИК ОД ОНА ШТО СЕ ДОЗВОЛУВАШЕ СО ГУП-ОТ, РЕЧЕ ШИЛЕГОВГрадоначалникот Петре Шилегов и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денес потпишаа договор за изработка на новиот ГУП и најавија рационално и функционално ширење на Скопје кое ќе овозможи хумано живеење на граѓаните. (Фото: СДК.МК)

    Предвидените површини за градба во Расадник се за три пати помалку од она што го дозволуваат параметрите на постојниот Генерален урбанистички план, рече градоначалникот Петре Шилегов на денешното потпишување на договорот за изработка на новиот ГУП. Според договорот потпишан меѓу Град Скопје, Министерството за транспорт и врски и Агенција за просторно планирање, ГУП-от ќе се прави во наредните 3,5 години. Градоначалникот Петре Шилегов и министерот Благој Бочварски најавија рационално и функционално ширење на Скопје кое ќе овозможи хумано живеење на граѓаните и урбанизација на северниот дел од градот.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК како со новиот Генерален план ќе се спречи во густо населените делови од градот да се градат нови населби со згради, како што е последниот пример со деталниот план за Расадник, Шилегов рече токму во овој случај постојниот ГУП дозволувал многу поголема површина за градба, но тие ја намалиле за три пати.

    Од нацртаните 100 згради во населбата Расадник избришани се маркички само за три, а на пет е намалена катноста, според Деталниот урбанистички план (ДУП) Градска четврт Ј14 Расадник на Општина Кисела Вода. Трите згради се избришани бидејќи се наоѓаат во заштитена зона односно на траса на далекувод, а останатите згради остануваат со катност од 6 до 13 ката и треба да донесат уште над 8.000 жители.

    „Поради параметрите кои ги има дадено постоечкиот план, ни се случува таков вид на урбанизација на простори кои јавноста ги доживував како јавен простор. За три пати се намалени површините кои биле во ГУП-от односно првично биле предвидени 400 илјади метри станбена површина. Некој го предвидел урбанизирањето на овој простор со изградба на станбени објекти и тие луѓе таму стекнале права кои немате право да ги редуцирате во целост. Значи заради решенијата од 2012 година не можеме во целост да ги избегнеме тие содржини“, рече Шилегов.

    Од нацртаните 100 згради во населбата Расадник избришани се маркички само за три, а на пет е намалена катноста, според Деталниот урбанистички план (ДУП) Градска четврт Ј14 Расадник на Општина Кисела Вода. Трите згради се избришани бидејќи се наоѓаат во заштитена зона односно на траса на далекувод, а останатите згради остануваат со катност од 6 до 13 ката; – – Компјутерски модел на предвидената изградба во Расадник од анализата на Македонска Архитектура (марх.мк).

    Градоначалникот Шилегов рече дека со новиот ГУП, Скопје ќе се развива и шири на начин што ќе го релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел од градот.

    „Во текот на изработката на новиот ГУП верувам дека ќе бидат разгледани можностите за отстранување на некои недостатоци кои стојат во актуелниот и во претходните ГУП-ови. Минатата година кога со министерството ја договаравме оваа соработка за пример ја земав планираната јужна обиколница на градот која според моето слободно уверување е спротивна на принципите за заштита на животната средина имајќи предвид дека за нејзината изградба е потребно уништување на добар дел од Водно“, рече Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира