ЗА ВЕЛЕШКИТЕ ТИНЕЈЏЕРИ КОИ ШИРЕА ЛАЖНИ ВЕСТИ ЗА АМЕРИКАНСКИТЕ ИЗБОРИ ЌЕ СЕ СНИМА ФИЛМ ВО САД

    ЗА ВЕЛЕШКИТЕ ТИНЕЈЏЕРИ КОИ ШИРЕА ЛАЖНИ ВЕСТИ ЗА АМЕРИКАНСКИТЕ ИЗБОРИ ЌЕ СЕ СНИМА ФИЛМ ВО САДГлавната улога ќе ја игра Мет Ривс, ѕвездата на филмот „Денкирк“, кој ќе го глуми ликот Нико, еден од лидерите на тинејџерската екипа за лажни вести, кој е опишан како млад човек очаен да избегаа од условите во кои живее, и кој открива дека објавувањето лажни вести може да му биде добитно ливче. (Фото: Варајети)

    Американската филмска платформа Квиби работи серија за лажните вести кои се проширија од Велес и нивното влијание на американските претседателски избори во 2016, објави филмското списание „Варајети“. Серијата има работен наслов „Кликбеит“ (мамка за кликови) и според најавата, се раскажува вистинска приказна за велешките тинејџери кои се збогатија оти направија вебстрани каде преку ширење лажни вести ја креираа свеста кај американската јавност за претседателските избори во 2016, но и за нивниот живот и што тие лажни вести им донесоа.

    Режисер на серијата е Марк Малоу, а главната улога ќе ја игра Мет Ривс, ѕвездата на филмот „Денкирк“. Тој ќе го игра ликот Нико, еден од лидерите на тинејџерската екипа за лажни вести, кој е опишан како млад човек очаен да избегаа од условите во кои живее, и кој открива дека објавувањето лажни вести може да му биде добитно ливче.

    Според информациите од Велес на САКАМДАКАЖАМ.МК, во текот на ланското лето продуцентската екипа престојувала во Велес, имала разговори со дел од авторите на лажните вести и ги откупила нивните приказни. Серијата веќе се снима летово во Букурешт, Романија, поради сличноста со македонската архитектура.

    Еден од авторите на тие сајтови, кој сака да остане анонимен, за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека во серијата ќе се повтори приказната која и досега „во западните медиуми се продаваше за велешките тинејџери“.

    „Беа тука, разговараа, но тие што ја продадоа приказната не беа толку моќни како што се прикажуваат. Тие што работиме со страниците не сакаме да се појавуваме во јавноста и натаму, така што имам резерва кон тоа што ќе го видам во серијата“, рече велешанец, кој тогаш имал вебстраница.

    Тој потсетува на приказните кои го обиколија светот, каде странските ТВ куќи прикажуваа момчиња кои не го знаат англискиот јазик, а пишуваат вести, тинејџери со скинати патики кои формираат јавно мислење и други примери, за кои тој смета дека повеќе предизвикувале потсмев, отколку сериозност.

    „Не знам која беше поголема лажна вест, таа што ја пласираа странските ТВ куќи со нивните репортажи, или лажните вести кои се пласираа од Велес’, вели велешанецот.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира