ЗАБРАНETО Е КОРИСТЕЊЕ НА ПРИЛЕПСКИОТ ТЕАТАР ОТИ Е НЕБЕЗБЕДЕН ЗА МАСОВНИ НАСТАНИ

    ЗАБРАНETО Е КОРИСТЕЊЕ НА ПРИЛЕПСКИОТ ТЕАТАР ОТИ Е НЕБЕЗБЕДЕН ЗА МАСОВНИ НАСТАНИПрилепскиот ансамбл, којшто измините неколку години освојува врвни награди на театарските фестивали во земјава и странство, со години твори во тешки услови под сите стандарди. (Фото: СДК.МК)

    Забрането е користење на објектот на Народниот театар „Војдан Черодрински“  во Прилеп оти е небезбеден за масовни приредби, соопштија од Театарот, по извршената инспекција на барање на прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“, под чија надлежност е театарската институција. Тоа значи дека сите премиери, театарски поставки и други слични настани од масовен карактер се одложуваат на неодредено време.

    Зачестените контроли следат по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, во кој загинаа 59 лица, меѓу кои и 6 деца, речиси 200 беа повредени, од кои 25 деца.

    Од Прилепскиот театар велат дека на неопределено време објектот се става вон употреба за секаков вид официјални театарски поставки, настани и случувања кои подразбираат масовно присуство на публика во организација на самиот театар. Прилепскиот ансамбл, којшто измините неколку години освојува врвни награди на театарските фестивали во земјава и странство, со години твори во тешки услови под сите стандарди.

    „Согласно препораката од Министерството за култура и туризам, а на официјално барање од страна на ЦЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, после извршениот формален инспекциски надзор и констатирање на серија фактички недоследности и отстапки од официјално пропишаните елементарни норми и стандарди за безбедно и непречено функционирање на една јавна институција, согласно член 141д. алинеа 2,3 и 4 од Законот за заштита и спасување, со усно врачено решение се забранува користење на објекот на Театарот“, велат од Прилепскиот театар.

    Во очекување на официјалната формална писмена забрана за јавни настани од масовен карактер на публика, Прилепскиот театар вели дека тековните активности за подготовки на претстојни премиери, како и актуелните проби на актерскиот ансамбл, остануваат во редовно дејство и ангажман.

    „Театарот и Центарот за култура својата смисла на постоење ја гледаат и доживуваат само во нормална и непречена интеракција со публиката. Поради тоа, театарот и Центарот за култура се држат до оптималните услови за сечија целокупна безбедност, одговорност и непречено доживување и искуство на културно-уметничките содржини“, соопштија од Прилепскиот театар и Центарот за култура.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира