Премиерот Зоран Заев вечерва на Струмичкиот карневал симболично побара преговори за членство со Европската Унија. На парадата на карневалските маски која се движи низ центарот на градот, после настапот на една група со наслов „Чекор напред“ во која маскираните играа со сите знамиња на земји на ЕУ плус македонското, излегоа Заев, евроамбасадорот Самуел Жбогар и министерот за надворешни работи Никола Димитров да се фотографираат. На прашање на водителкaта што им значела маската, Заев рече „сакаме преговори со ЕУ“.
Заев претходно денеска потврди дека утре во 20 часот во Владата ќе се сретне со лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на негово барање и, без да дава повеќе детали, кажа дека ќе се дебатира за реформските закони, претседателските избори и иднината на СЈО. Мицкоски изјави дека на средбата повторно ќе го отвори прашањето за одржување предвремени парламентарни избори, што владејачката коалиција веќе еднаш го одби.
На вечерашната карневалска парада низ Струмица ќе поминаат 47 маски во различни категории, со над 2 илјади учесници, а жири одлучува за победниците во повеќе категории кои ќе добијат парични награди. Меѓу гостите се и повеќемина министри и амбасадори.
Утре, за верскиот празник Прочка, ќе се одржи детскиот карневал, а од понеделник почнуваат тримерските празнувања за кои се врзува струмичкиот карневал.
В. ТРАЈКОВ