Финансиска поддршка од државата за исплата на долговите во училиштата и изградба на стадионот „Под Тумбе кафе“ вети премиерот Зоран Заев при денешната посета на Општина Битола. Долгот на битолското образование кој го наследи новата локална власт е над 4 милиони евра, а Заев најави дека за подмирување на обврските ќе се искористат средства од Европската банка за обнова и развој.
„Ги констатиравме огромните долгови во училиштата и како тоа да го решиме, да го олабавиме, зашто се работи за нашите деца. Навистина огромните долгови прават притисок врз квалитетното извршување на услугите. Дел од пакетот за финансиските средства кој Владата го преговара со Европска банка за обнова и развој и другите финансиски институции ќе биде за да ги исплатиме овие долгови и да ја разлабавиме Општина Битола“, рече Заев.
За плаќање на обврските околу изградба на стадионот што започна да го гради претходната локална власт на крајот на третиот мандат, а понатамошните обврски паднаа врз новата локална самоуправа, ќе се користат кредитни линии со мали камати.
„Разговаравме и за огромните финансиски импликации со почетокот на избрзаната одлука за стадионот. Стадионот треба и тој е многу важен, овие стадиони се од национален интерес. Дефинитивно државата ќе мора да помогне, оти вкупна вредност е преку 5, 5 милиони евра. Тоа се огромни пари, па прашањето е како другите обврски ќе се сервисираат во општината, како ќе се градат улиците, тротоарите? Генералниот концепт е преку кредитните линии да овозможиме на некои 10 до 15 години исплата со каматни стапки од 2 до 3 проценти наместо 13 проценти“, рече Заев.
Тој додаде дека државата ќе финансира голем дел од проектите за канализации, водоводи, градинки, училиштата, а општините во следните десет-петнаесет години ќе помогнат за враќање на овие кредити.
За изгорениот планинарски дом Копанки рече дека дал напатствие да се седне со планинарското друштво „Пелистер“ и да се реши сопственоста, за понатаму да можат да се набават пари за реконструкција зашто секој кој дава пари за обнова сака да знае дека објектот останува на битолчани, на Општината или на државата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА