ЗАГИНАТИТЕ БРАНИТЕЛИ КАЈ КАРПАЛАК ЌЕ ДОБИЈАТ СПОМЕНИК ПО ВЛЕЗОТ ВО НАТО И РЕЛАКСИРАЊЕ НА МЕЃУЕТНИЧКИТЕ ОДНОСИ, ВЕЛИ СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ

    ЗАГИНАТИТЕ БРАНИТЕЛИ КАЈ КАРПАЛАК ЌЕ ДОБИЈАТ СПОМЕНИК ПО ВЛЕЗОТ ВО НАТО И РЕЛАКСИРАЊЕ НА МЕЃУЕТНИЧКИТЕ ОДНОСИ, ВЕЛИ СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВНа денешното одбележување на 18-годишнината од нападот, свежо цвеќе положија претставници од Владата, преседателот на државата, Собранието, политички партии, Здруженија на бранители, роднини и пријатели на загинатите (Фото: СДК.МК)

    Националниот координатор за воени и полициски ветерани Стојанче Ангелов рече дека бранителите кои пред 18 години загинаа на Карпалак, ќе добијат споменик откако ќе се разгледа внатрешната состојба во државата.

    „Во наредниот период очекувам нашата држава да плови во мирни води затоа што влезот во НАТО е извесен и е само прашање на ден кога ќе се случи. Тоа заедно со очекуваниот датум за преговори со ЕУ, верувам дека ќе се одрази позитивно и врз меѓуетничките односи и во таков случај можеме да разговараме за поставување на соодветно спомен обележје на ова место“ изјави Ангелов на денешното одбележување на 18-годишнината од масакрот во месноста Карпалак на патот Тетово-Скопје.

    Пред 18 години конвој од воени резервисти на АРМ, кој се движеше од Скопје кон боиштето во Тетово, од заседа беше нападнат во месноста Карпалак. Во нападот терористите на ОНА користеа рачни фрлачи со кои го погодија автобусот во кој беа македонските војници. Тогаш загинаа 10 бранители, а благодарение на присебноста и херојството на возачот на автобусот Ацо Јованоски-Реган, кој возејќи го запалениот автобус, успеа да го извлече од местото на нападот и така да го спаси животите и на другите бранители.

    „Седумнаесет години бараме овде, на ова место да се изгради достоинствен споменик на загинатите бранители, а не вака, цвеќе да положуваме на банкината од патот. За бранителите и за нивните семејства досега малку е сторено“ изјави Ацо Јованоски-Реган.

    „Пред 5-6 години, кога сегашниот премиер беше потпретседател на СДСМ, со Здружението на резервни воени обврзници од Прилеп потпишавме Меморандум за соработка во кој тој се обврза, доколку СДСМ дојде на власт, дека 90 отсто од барањата на бранителите ќе бидат исполнети. За жал премиерот по сѐ изгледа заборавил на ова, па сакам да го потсетам да си стои на ветеното. Повеќе од половината бранители мизерно го завршија својот живот, без работа без осигурување, услови за школување. И ќе речам една работа, ние бранителите, како да бевме на погрешната страна, ако бевме на другата страна досега ќе ги имавме сите права“, изјави Јордан Трајковски од Здружението на резервни воени обврзници 2001-2002.

    На денешното одбележување на овој настан венци свежо цвеќе положија претставници од Владата, престедателот на државата, Собранието, политички партии, Здруженија на бранители, роднини и пријатели на загинатите.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира