ЗАПАЛЕНО МЕСТОТО ШТО ВЧЕРА ГО ИСЧИСТИЈА БИТОЛСКИТЕ УЧЕНИЦИ СО КЛАСНАТА

    ЗАПАЛЕНО МЕСТОТО ШТО ВЧЕРА ГО ИСЧИСТИЈА БИТОЛСКИТЕ УЧЕНИЦИ СО КЛАСНАТАОд Противпожарната единица велат дека пожарот е изгаснат и дека бил предизвикан од човечки фактор (Фото: СДК.МК)

    Ден по еколошката акција „Мети си со класнето“, местото во близина на Новиот пазар во Битола каде вчера се чистеше, денеска го зафати пожар. Организаторите на акцијата не знаат дали пожарот е случаен или, пак, некој го потпалил местото, но бараат инспектори да испитаат што се случува.

    „Токму на тоа место вчера чистевме, а денеска гори. Местото е фреквентно, но не можеме да ги знаеме причините. Ние нашето го направивме со акцијата. И ова нема да нѐ спречи, нема да нѐ обесхрабри“, изјави Марија Магдалена Петковска-Микаровска, класна на второ шест од Средното медицинско училиште од Битола.

    На класната и на учениците кои ја покренаа акцијата за чистење на ѓубрето низ Битола вчера им се придружија и ученици од други класови, вработени на Правниот факултет, од здружението „Геосфера“, професорот Мите Ристов со клас од Горната гимназија, Млади хуманисти, од Народниот театар и други битолчани.

    „Второ шест беше на ниво на задачата. Се приклучија родители на децата, луѓе кои го виделе повикот и сакаа да помогнат, случајни минувачи, а имаше и такви кои нѐ гледаа како да сме вонземјани. Најдовме стар мебел од некој труп трупосан што сакал да си реновира дома, а да не плати камион за да го однесе на депонија. Па, решил да направи депонија. Не се секирај друже, средивме сѐ. Другпат викни нѐ со време. Најдовме шприцови, метадонче, умрен зајак, телевизорчиња, чевли, алишта, документи од фирма, една куќа да суредиме од А до Ш“, напиша Класнето на Фејсбук.

    Од Противпожарната единица велат дека пожарот е изгаснат и дека бил предизвикан од човечки фактор. Само денеска гаснеле шест пожари.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира