ЗАПЛЕНЕТИ 4 КИЛОМЕТРИ ИЛЕГАЛНИ РИБАРСКИ МРЕЖИ И 117 КИЛОГРАМИ БЕЛВИЦА ОД ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

    ЗАПЛЕНЕТИ 4 КИЛОМЕТРИ ИЛЕГАЛНИ РИБАРСКИ МРЕЖИ И 117 КИЛОГРАМИ БЕЛВИЦА ОД ОХРИДСКОТО ЕЗЕРОНа потегот меѓу струшките села Калишта и Радожда, полицискијата најде 20 висечки рибарски мрежи, со вкупна должина од околу 4.000 метри, а во нив биле уловени 872 парчиња охридска белвица, со вкупна тежина од 116,9 килограми. (Фото: СДК.МК)

    Над 4 километри незаконски рибарски мрежи и 872 парчиња охридска белвица се откриени во водите на Охридското Езеро при акциска контрола на Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“.
    Акцијата била спроведена вчера, во рамки на контролите насочени кон сузбивање на незаконскиот риболов.

    На потегот меѓу струшките села Калишта и Радожда, полициските службеници пронашле 20 висечки рибарски мрежи, со вкупна должина од околу 4.000 метри. Во нив биле уловени 872 парчиња охридска белвица, со вкупна тежина од 116,9 килограми.

    Висечките мрежи се забранети за лов на риба, а по насоки на јавен обвинител, езерската полиција и полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи – Запад ги подигнале мрежите и уловот. (Фото: СДК.МК)

    Висечките мрежи се забранети за лов на риба, а по насоки на јавен обвинител, езерската полиција и полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи – Запад ги подигнале мрежите и уловот.
    За случајот бил известен и надлежниот инспекторат за рибарство.

    Од почетокот на оваа година до денес, од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ се евидентирани 26 случаи на незаконски риболов, при што се санкционирани и се поднесени соодветни пријави против осум лица.

    Во досегашните акции оваа година се запленети вкупно 13.956 метри незаконски риболовен алат, при што најчесто станува збор за таканаречени висечки рибарски мрежи, кои се најстрого забранети за употреба.
    Запленет е и вкупен улов од 320 килограми риба, од кои најголем дел отпаѓа на охридската белвица, 265 килограми, додека 34 килограми се охридска пастрмка.

    „Со оглед дека Охридското Езеро е доделено на концесија по риболовни зони, обврска на концесионерите е да обезбедат и активираат рибочуварски служби, кои имаат важна улога во борбата против незаконскиот риболов. За жал, овој вид криминал е во пораст, а со незаконскиот лов се врши улов на сериозни количини риба, со што се доведува во прашање рибниот фонд во Охридското Езеро, особено охридската пастрмка и охридската белвица. Затоа е неопходно активирање и координирано делување на сите надлежни институции, вклучително и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Државниот инспекторат за земјоделство, со цел заеднички да се спречи и санкционира незаконскиот риболов“, вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

    Од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел откривање на сторителите и спречување на незаконскиот риболов.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира