ЗАПОЧНА ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП, ДЕЛ ОД ПАЦИЕНТИТЕ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ ОДБИЛЕ ДА ГИ ПРИЈАВАТ ЗА ТЕРМИН

    ЗАПОЧНА ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП, ДЕЛ ОД ПАЦИЕНТИТЕ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ ОДБИЛЕ ДА ГИ ПРИЈАВАТ ЗА ТЕРМИНГолем број граѓани бараа информации како да се вакцинираат бесплатно, оти матичните лекари одбиле да ги регистрираат за термин, преку вакцинација.мк. (Фото: СДК.МК)

    Започна бесплатната вакцинација за сезонски грип. Одѕивот во Центарот за јавно здравје Велес е голем, до 11 часот веќе беа вакцинирани 70 лица, а пријавени биле 120, чиј термин е до 13ч. Оваа бесплатна вакцина е за лицата кои се хронично болни, граѓани над 65 години, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, а од годинава и здравствените работници. Освен лица кои имаа закажано термин, имаше и голем број граѓани кои бараа информации како да се вакцинираат бесплатно, оти матичните лекари одбиле да ги регистрираат за термин, преку сајтот вакцинација.мк.

    „Бев кај матичниот, ми рече дека тој нема обврска и ќе треба некој од домашните или јас да се пријавам. Дојдов тука да прашам дали може да примам вакцина или мора да сум пријавен“, вели велешанец, кој со години заедно со сопругата примале вакцина за сезонски грип.

    „Мене нема кој да ме пријави, ниту имам дома Интернет, имам обичен телефон и сега што да правам? А сакам да е вакцинирам, но матичниот одбива“,  вели велешанка на возраст над 65 години.

    Вчера од Министерството за здравство соопштија дека испратиле допис до матичните лекари да им излезат во пресрет на заинтересираните граѓани да се пријават во системот за вакцинација. Претседателката на Здружението на приватни лекари (ЗПЛМ), д-р- Лили Чолакова-Дервишова негира дека добиле таква обврска.

    „Немаме добиено никаков допис, писмен документ, ниту имаме обврска да ги пријавуваме пациентите за вакцинација за сезонски грип. И така дневно во просек имаме по 120 прегледи, така што доколку и ова го работиме ќе биде премногу“, вели д-р Чолакова-Дервишова.

    Наспроти тоа, лицата кои се бесплатно се вакцинираа, при контролата од службите беа пријавени од нивните матични лекари по име и презиме на лекарот.

    Во Центарот за Јавно Здравје Велес започна и комерцијалната вакцинација против сезонски грип. Добиени се 400 вакцини за Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија и Свети Николе. Тоа е бројка помала од лани, оти минатата година останеле дел од вакцините и немало голем интерес за комерцијалната. Таа е со иста цена како и претходната година, 800 денари.

    И бесплатната и комерцијалната вакцина годинава се од ист производител. Тоа е четиритипна вакцина против сезонски грип, од производителот „Абот“ од Холандија. Министерството набавило 40 илјади бесплатни вакцини против сезонски грип.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира