ЗАР НЕКОЈ ТРЕБА ДА ЗАГИНЕ ЗА ДА ИМ ТЕКНЕ НА ГРАД СКОПЈЕ И ОПШТИНА БУТЕЛ ДА ГО ПОПРАВАТ МОСТОТ ВО ВИЗБЕГОВО, ПРАШУВА ДИРЕКТОРОТ НА ЦУК АНГЕЛОВ

    ЗАР НЕКОЈ ТРЕБА ДА ЗАГИНЕ ЗА ДА ИМ ТЕКНЕ НА ГРАД СКОПЈЕ И ОПШТИНА БУТЕЛ ДА ГО ПОПРАВАТ МОСТОТ ВО ВИЗБЕГОВО, ПРАШУВА ДИРЕКТОРОТ НА ЦУК АНГЕЛОВБетонски коцки се расфрлени по мостот и можат да паднат врз возила кои се движат под него. (Фото: ЦУК)

    Бетонски коцки можат да паднат од мостот во Визбегово врз возилата кои се движат по патот под него и некој да загине, вели директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов. Тој денеска повторно по пријава на граѓани беше во Визбегово, каде и покрај предупредувањата на ЦУК никој не го поправа мостот кој е небезбеден и опасен.

    На овој мост се јавува една опасност за граѓаните, којашто се провлекува, би рекол, повеќе од една година. Бетонските коцки коишто се расфрлани овде, најверојатно излегуваат од самиот пат. И покрај моето укажување, во повеќе наврати, повторно можам да ги забележам на самата ивица, работ, од мостот. Возилата коишто се движат по овој мост прават силни вибрации. Кога минуваат камиони, мостот буквално вибрира под моите нозе. Оваа коцка е само на 30-40 сантиметри од работ на мостот и може да падне долу на улица. Доколку оваа коцка падне врз возило коешто минува под овој мост, некој може да биде убиен. Дали треба да чекаме некој да биде убиен, да загине или тешко да биде повреден доколку коцката падне врз возило?“, вели Ангелов.

    Од Градот Скопје или Општината Бутел по пријавата на ЦУК беше ставена ограда, но како што вели Ангелов, тоа не е доволно.

    Апелирам до Град Скопје и Општина Бутел да седнат заедно и да се договорат кој е одговорен за овој мост. Нека не си ја префрлаат надлежноста едни на други. Нека седнат заедно и нека дојдат да го решат овој проблем. Да не си играме со човечките животи и со човечкото здравје, бидејќи овој мост е исклучително фреквентен“, додава Ангелов.

    Центарот за управување со кризи во повеќе наврати испратил известување до Град Скопје и Општина Бутел за состојбата на мостот и ги повикал на средба за да се најде решение, но никој не дошол.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира