Сто триесет и пет илјади садници јавор, јасен и чемпрес се засадени на опожарените површини крај велешкото езеро Младост. Шумското стопанство „Бабуна“ од почетокот на ноември на неколку локации околу Велес организираше акција за засадување млади дрвја. Оваа активност е согласно програмата за проширена репродукција на шуми. Од предвидените 55,45 хектари согласно Програмата, пошумени се сите, а посадени биле 135.000 садници.
„Акцијата во првата фаза опфати отстранување на последиците од шумски пожари на површина над 50 хектари, а потоа следеше обнова со пошумување со млади садници. Вработените од ‘Бабуна’ во Велес сами ги пошумија опожарените површини на просторот Езеро Младост – Караслари. Со засадувањето се придонесува за санирање на опожарените површини и зголемување на површините под шума“, рече Билјана Тевчева-Кошинова, раководителка на „Бабуна“ Велес.
Подружницата ја подготвила површината за пошумување со сопствена механизација и пошумувањето почна на 8 ноември, а заврши на 12 декември. Лани есента, се пошумени површини од 10 хектари површини во околината на Езеро Младост.
П. ПЕЧКОВ