ЗАСАДЕНИ 400 САДНИЦИ ВО ЧЕСТ НА ПОЧИНАТИТЕ ПЛАНИНАРИ КАЛИНА И АЛЕКСАНДАР

    ЗАСАДЕНИ 400 САДНИЦИ ВО ЧЕСТ НА ПОЧИНАТИТЕ ПЛАНИНАРИ КАЛИНА И АЛЕКСАНДАРСе формира шума под врвот Клепа, Општина Градско, за спомен на двајцата планинари кои загинаа искачувајќи се на врвот Кајмакчалан (Фото: СДК.МК

    На површина од илјада квадратни метри се посадија садници од шумата „Калина и Александар“, која е во формирање. Таа се наоѓа на 600 метри надморска височина, под врвот Клепа во Општина Градско. Деновиве, десетина волонтери, вљубеници во природата од еколошката групација „Зелена сила“, засадија 400 садници бреза, чемпрес, јавор, јасен и бел бор, донација од ЈП „Македонски шуми“. Просторот се наоѓа на границата меѓу општините Градско и Росоман.

    „Годинава започнавме да ја формираме шумата посветена на нашите пријатели Калина Велевска и Александар Миновски, кои ги загубија животите на 10 февруари 2018 при искачување на врвот Кајмакчалан. Една недела пред тоа, со Калина бевме на искачување на Клепа и таа попатно засади една млада садница, токму на овој простор каде сега засадивме 400 нови и ги полеавме со два тона вода. Нејзината садница е во средина. Оваа шума нека биде вечен помен за нашите другари, кои ќе останат бесмртни. Шумата секоја година на ова традиционално искачување ќе станува сѐ поголема со засадување нови садници“, рече Игор Смилев од „Зелена сила“.

    Просторот е заграден со еластична ограда, како превентива за зачувување на младите садници.

    В недела е предвидено искачување на врвот Клепа (1.150 мнв) и поставување на клепало, по кое врвот го добил името во турско време. Меѓу учесниците се најавени и гости од четири друштва од Србија.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира